
Актуелната бугарска претседателка Илијана Јотова освои незначителна предност во првиот круг од претседателските избори во Бугарија пред поранешниот привремен премиер Андреј Ѓуров, според излезните анкети.
Анкетите покажуваат дека Јотова добила помеѓу 35 и 36,5 проценти од гласовите, а Ѓуров помеѓу 32,2 и 32,5 проценти. Разликата меѓу двајцата кандидати е значително помала од она што го покажаа предизборните анкети, според кои се предвидуваше дека Јотова ќе добие повеќе од 40 проценти од гласовите, а Ѓуров малку повеќе од 28 проценти.
Доколку тврдењата на анкетите се потврдат со официјални резултати, двајцата ќе се соочат во вториот круг на 1 ноември.
Јотова се залага за дијалог со Москва, додека Ѓуров го поддрува прозападната опозиција. Бугарите бираа нов претседател меѓу 27 кандидати.
Претседателската функција е претежно церемонијална, но изборите добија на значење по серијата напади со дронови врз трговски бродови по должината на бугарскиот брег на Црно Море, во кои загинаа околу дваесет морнари од различни земји.
Тие напади предизвикаа низа осуди од Западот, како и загриженост за ширењето на руско-украинската војна. Затоа, бугарската влада побара помош од сојузниците на НАТО за зајакнување на поморската безбедност.
Двајцата водечки претседателски кандидати ги осудија нападите. Андреј Ѓуров, кој привремено беше премиер оваа година, ужива поддршка од прозападните партии.
Тој отворено ја поддржува Украина, а како премиер потпиша договор за безбедносна соработка со Киев. Илијана Јотова беше потпретседателка на земјата, а претседателската функција ја извршува од јануари, кога Румен Радев поднесе оставка за да се натпреварува на парламентарните избори.
Радев ги доби тие избори, а политичките аналитичари го сметаат за проруски ориентиран. Доколку Јотова победи во вториот круг, таа ќе стане првата жена претседател на Бугарија.
Извор: МКД.мк

Македонски

