Skip to main content

Трамп: По војната ќе правиме бизнис и со Русија и со Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави планираат да соработуваат и со Украина и со Русија по завршувањето на војната меѓу двете земји.

Трамп ова им го кажа на новинарите откако претходно гласаше на изборите за Конгресот во Палм Бич.

Прашањето се однесуваше на можна соработка со Русија во енергетскиот сектор, односно на интересот на руските компании за инвестиции во проектот за течен природен гас на Алјаска. Трамп не сакаше да навлегува во детали, туку зборуваше за пошироки економски односи со Москва и Киев по крајот на војната.

„Би сакале да се вратиме на ситуација во која Русија и Украина ќе постигнат договор, а потоа ние ќе можеме да соработуваме со двете земји“, рече Трамп.

Тој додаде дека очекува САД да соработуваат и со Украина и со Русија по завршувањето на војната.

Трамп, исто така, повторно зборуваше за договорот меѓу САД и Украина што се однесува на природните ресурси на Украина.

Тој тврдеше дека вредноста на тој аранжман би можела да достигне еден трилион долари, поврзувајќи го тоа со американската помош што Украина ја добила за време на мандатот на неговиот претходник, Џозеф Бајден.

Во последните денови, Трамп во неколку наврати изјави дека крајот на војната е поблиску од претходно. Во исто време, неговата администрација се обидува да одржува контакти и со Киев и со Москва, како дел од преговорите за можно завршување на конфликтот.

Поврзани вести