Skip to main content

Денови на македонска култура во Будимпешта 2026: гастрономија, музика и скулптура во есенското издание

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 продолжуваат со есенски циклус настани од 23 до 26 октомври, во рамки на кој унгарската публика ќе има можност да ја запознае македонската култура преку гастрономијата, музиката и ликовната уметност.

Програмата започнува денеска и утре со Деновите на македонска гастрономија во ресторанот Yugo Resto-Bar во Будимпешта. Гостин-готвач ќе биде Слаѓан Стевковски од Македонија, кој ќе подготвува традиционални македонски специјалитети.

На 24 октомври, со почеток во 19:30 часот, на бродот-сцена A38 ќе настапи групата „Скопје Виа“, предводена од актерката и пејачка Јана Стојановска и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски. Групата во својата музика ги спојува балканскиот мелос, ромската традиција и современиот џипси џез.

Концертната вечер ќе ја отвори унгарското дуо Narun, во состав Гашпар Торпе и Бенце Бабчан, кои унгарските и балканските народни мотиви ги изведуваат на современ, интимен и медитативен начин.

Есенскиот циклус на 26 октомври ќе продолжи во културниот центар Balkan Heritage, каде во 19 часот ќе биде отворена изложба на скулптури од македонскиот скулптор Никола Смилков. Изложбата ќе ја отвори унгарската писателка Оршоја Карафиат.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 започнаа во мај и јуни со изложбата „Синило“ на Јелена Белиќ и со издавањето на музичкиот албум „Македонија“ на групата Будапесме.

Манифестацијата ќе заврши во ноември со гостувањето на Елена Ѓорѓиовска, лекторка по македонски јазик во Букурешт. Таа ќе одржи предавање и ќе ја промовира поетската антологија „Мојата песна се фрла од мост“, а студентите од Лекторатот по македонски јазик ќе изведат музичко-поетски перформанс.

Организаторот Златко Панзов изразува задоволство од интересот на унгарската публика за манифестацијата, посочувајќи дека тој не се намалил од 2019 година до денес.

Деновите на македонска култура во Будимпешта 2026 ги организираат Лекторатот по македонски јазик при Институтот за словенска и балтичка филологија на Универзитетот ЕЛТЕ, Здружението на Унгарци на Македонија – Теледом и културниот центар Balkan Heritage од Будимпешта.

Манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.