
Шест мигранти, меѓу кои и едно бебе, загинале во судир на глисер со брод на грчката крајбрежна стража во морето јужно од Агриелија, во близина на островот Лезбос. По несреќата, осум лица биле спасени и пренесени во болница.
Според соопштението на грчката крајбрежна стража, несреќата се случила за време на потера по глисерот, кој превезувал мигранти и се обидувал да избега. При маневрирањето, глисерот удрил во предниот лев дел од пловилото на крајбрежната стража.
Судирот се случил на околу 3,5 наутички милји јужно од Агриелија, на островот Лезбос. Дел од патниците паднале во морето, а осуммина биле спасени. Тие биле пренесени во пристаништето Митилена, а потоа и во Општата болница во градот, каде што им била укажана медицинска помош.
Во спасувачката операција учествувале брод за спасување на отворено море, патролен чамец, три патролни пловила на крајбрежната стража и хеликоптер на грчкото воено воздухопловство. Помош пружил и приватен брод на грчкиот спасувачки тим.
Во рамките на прелиминарната истрага, бил идентификуван и уапсен 37-годишен турски државјанин, кој е меѓу спасените. Тој е осомничен за трговија со луѓе.
Надлежните пристанишни власти ги истражуваат околностите под кои дошло до судирот.

Македонски

