Skip to main content

Какви докази ќе изнезе одбраната за пожарот во „Пулс“

Со изведување докази предложени од одбраната денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На последното рочиште во фокусот беше сведочењето на вештакот ангажиран од одбраната, Петре Русески. Неговите тврдења за исполнетоста на условите за пренамена на објектот предизвикаа реакции кај обвинителството и кај семејствата на жртвите.

Според изјавата на вештакот, за промена на дејноста на објектот биле изработени и поднесени сите потребни документи, меѓу кои елаборати за заштита од пожари и за заштита и здравје при работа до Пазарниот инспекторат, како и сообраќаен елаборат до МВР. Вештакот тврдеше дека во соодветниот записник е наведено оти објектот ги исполнувал сите услови.

Сепак, Обвинителството отвори прашања околу статиката на објектот, укажувајќи на фотографии кои покажуваат дека со изградбата на галериите вкупниот внатрешен корисен простор се зголемил за 88 квадратни метри. На забелешката на обвинителите дека за галериите не постоел проект за статика, вештакот одговори дека „не постоел бидејќи немало потреба“.

Ова тврдење, заедно со ставот на вештачењето дека изведените градежни зафати биле обични „занаетчиски работи“, предизвика реакции кај родителите на загинатите деца.

Александар Наунов, родител на едно од децата кои го загубија животот во трагедијата, во изјава за време на паузата од судењето, истакна дека изведените зафати, меѓу кои челични столбови, метални конзоли, зајакнување на меѓукатната конструкција и промена на фасадата, не може да се третираат како обични занаетчиски работи со цел да се избегне одговорноста за градење без одобрение.

Претходно, Обвинителството го проблематизираше и стручниот кредибилитет и образование на вештакот Русески, на што одбраната реагираше со приговори, барајќи да се поставуваат суштински прашања за побивање на наодот. 

Одбраната тогаш најави дека вештите наоди на Обвинителството и на одбраната доколку не се совпаднат, ќе побара изработка на супервештачење.

Поврзани вести