Skip to main content
gw2Y8FzgZXQ

Стојчевска: На секое врнење дожд јас сум под стрес дека Библиотеката ќе се поплави, досега имавме четири поплави

Ако ја погледнете работата на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ и ако ги следите нашите настани може да помислите дека во Библиотеката цветаат рози, но состојбата е многу далеку од тоа, вели директорката на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Снежана Стојчевска.

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е библиотечна мрежа, но и стожерна културна институција на главниот град. Оваа година е големиот јубилеј – 80 години од основањето на ГБСК.
Основана е на 15 ноември 1945 година. Зградата на Библиотеката е прогласена за културно наследство на Македонија. Изградена е во 1973 година како нов дом на Библиотеката и е дело на архитектот Прохирија Хаџикостова- Пешиќ. Проектирана е наменски како библиотека и претставува една од најфункционалните во Македонија. Се состои од подрум, приземје и два ката. Зафаќа површина од околу 4.500 метри квадратни и има две депоа и книговезница во подрумот, сала за промоции и изложби на приземјето и голем број современи оддели и читални на катовите.

Мојот тим изминатите години посветено и напорно работи на една сериозна стратегија за активност и видливост на Библиотеката, за нејзиното отворање кон јавноста и кон авторите и нејзино позиционирање на мапата на културните случувања во Скопје. Успеавме да го привлечеме вниманието и на читателите, и на пошироката публика и на медиумите. Секое исклучување на струјата го подрива нашиот труд и посветените заложби и става негативно светло врз нашата институција, потенцира Стојчевска.

Стојчевска вели дека во 2023 година за нивната работа и влијание врз културната и пошироката јавност биле наградени со признанието „Промотор на читачката култура“ од Македонската асоцијација на издавачи, но истовремено се соочуваат со проблеми за подмирување на основните трошоци, опомени за исклучување од струја поради неплатени сметки за дистрибуција. Досега три пати во период од две години Библиотеката била исклучена од струја. А буџетот кој им е определен и изнесува 1.400.000 денари е колку една сметка за парно во зимските месеци.

За непречено одвивање на работата на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која има 18 објекти (4 централни и една подвижна библиотека) потребни се 10 милиони денари годишно! На нашата институција, во основниот буџет за трошоци ѝ беа одобрени 1.4 милиони денари. Со ребалансот ни се одобрени 8.8 милиони денари. За да биде ситуацијата уште посложена – средствата од ребалансот не може да ги добиеме веднаш, туку треба да чекаме да се запазат административните процедури. За да се одобрат и префрлат тие средства потребни се отприлика уште два месеца. За тоа време притисоците од фирмите, чии должници сме, само се зголемуваат, што ќе доведе до исклучувања и блокирања на нашите сметки, плаќања камати и извршители, вели Стојчевска.

Потенцира дека Градската библиотека е непрофитна институција, годишната чланарина за возрасни е симболични 300 денари или 0.82 ден дневно.

Јасно е дека со овие симболични суми институцијата не може да направи приход со кој ќе ги опслужи и задоволи сите потреби на корисниците (главно студенти) и притоа да работи 24/7, без да биде соодветно субвенционирана од државата. Убаво е што сме единствената Библиотека со читална што работи 24/7, но токму затоа државата треба да одвои средстава за одржливост, односно планирани средства за сите потребни ресурси – финансиски и кадровски (човечки), подвлекува Стојчевска.

Подготвија:

новинар: Невена Поповска

фото/видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести