
Студентските протести во Албанија се проширија од Тирана и во други градови. Демонстрации се одржуваат во Драч, Елбасан, Кукс и Валона, додека во главниот град трет ден по ред има судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Протестите започнаа со барања за подобри услови на универзитетите, пониски трошоци за студирање и поголема финансиска поддршка за студентите. Демонстрантите бараат и оставка од премиерот Еди Рама, а негодувањето е насочено и кон обвинувањата за корупција и спорниот туристички проект на албанското крајбрежје, поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во Тирана, полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења кон полицискиот кордон. Во нередите во средата беа повредени 89 лица, меѓу нив 61 полицаец, соопшти албанското Министерство за здравство.
Рама изјави дека нема да поднесе оставка и дека владата се менува на избори. Тој порача дека е подготвен да разговара за трошоците за образование, но ги осуди нападите и уништувањето јавен имот.

Македонски


