
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во Владата, рече дека е апсолутна лага оти Ива Михајлова легално ја напуштила Македонија и влегла во Бугарија и изрази жалење што бугарските власти наместо да ја вратат прават естрадна ѕвезда од неа, порачувајќи дека „кога-тогаш таа и нејзиниот татко ќе одговараат пред македонските власти“.
Апсолутно е невистина тоа што го лиферуваат бугарските медиуми во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и тие биле исто така поздравени, им се салутирало итн. Тоа претставува лага. Второ, последeн пат, она кое што ние го имаме евидентирано, а е потврдено и од страна на бугарската страна, адвокатот влегол на 28 септември, а не точно тоа што го тврдеше. Иако станува збор за личност со сомнително минато, сепак сакам овие работи да ги знае јавноста. Од друга страна, исто така можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена – рече Мицкоски.
Повтори дека и родителот, којшто треба да одговара пред македонските власти, и Ива, која што треба да ја докажува својата невиност, ќе одговараат кога-тогаш.
Ако некој мисли дека на овој начин обезбедил одредена заштита, на начин на кој што се обидува да ги наруши меѓусоседските односи меѓу двете држави, жал ми е што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата која самите себе си ја прават на меѓународен план. Но тие одбраа таква политика. Жалам што тие наместо лице правосилно осудено да го вратат тука, да ја отслужи казната за тоа што е осудено, тие во него прават естрадна ѕвезда и кловн. И жалам што млада девојка која што најголемиот дел од својот живот и образование го стекнала во својата татковина Македонија, одлучила да биде ова кое што денеска се претставува кај нашиот источен сосед. Но еве јас ја гледам македонската јавност во очи и ви велам: „Кога тогаш, и единиот и другиот ќе се соочат со правдата“ – дециден е Мицкоски.
Во однос на тоа какко ова ќе се одрази на билатералните односи, како и за обвинувањата од страна на опозицијата, премиерот рече дека „токму тоа што опозицијата и раководството на нашиот источен сосед се на иста линија говори многу за тоа што била намерата и каква е намерата, ниту пак Ива е намерата, ниту пак било што“.
Намерата е да се создаде политичка тема која што тие претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција, односно на ВМРО-ДПМНЕ да бидам попрецизен, и на тој начин ќе обезбедат одреден бенефит за опозицијата која што има буквално идентичен став како што има раководството на Бугарија. Еве ако е тоа така договорено, ние ја бараме назад и нејзе, и нејзиниот родител, уште денеска да ги донесат и да видиме дали е тоа така договорено или не е тоа така договорено – истакна Мицкоски.
Ива Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври издаде наредба за нејзино апсење, а македонските власти распишаа централна и меѓународна потерница. Преку Интерпол–Скопје било побарано нејзино апсење и екстрадиција.

Македонски


