Skip to main content

Митева со порака од Штип: Сплотени дејствуваме за една победа повеќе

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

На денешната панел дискусија под мотото „Сплотени дејствуваме за една победа повеќе“, организирана од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се обрати претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева и истакна дека суштината на дејствувањето на Унијата на жени е во препознавањето на проблемите, нивното јавно отворање и заедничкото делување за изнаоѓање вистински решенија, нагласувајќи дека секој навреме направен преглед, рано откриена промена, побрзо поставена дијагноза и навремено започната терапија претставуваат победа во грижата за здравјето на жените.

-Сплотени дејствуваме – за една победа повеќе е пораката под која сме собрани вечерва, но би сакала уште на самиот почетокот да кажам дека овие зборови за нас ја изразуваат суштината на она што сакаме да го постигнеме како Унија на жени, организација која умее да препознае проблем, да го отвори јавно, да ги собере луѓето кои можат да помогнат и според нас она што е најважно, да придонесе проблемот да добие вистинско решение. Кога зборуваме на оваа тема, зборот победа има една многу важна тежина. Победа е прегледот што не бил одложен. Победа е промената којашто сме ја откриле навреме. Победа е дијагнозата којашто е поставена побрзо, терапијата којашто е започната без непотребно губење на време, лекарот до кого пациентката можела да стигне тогаш кога ѝ бил најпотребен, рече Митева.

Митева истакна дека политичката одговорност подразбира не само препознавање, туку и решавање на проблемите, нагласувајќи дека иницијативата во Штип е пример за институционална соработка и конкретни резултати во интерес на граѓаните.

-Во тоа сите ќе ја препознаат и пошироката политичка определба на ВМРО-ДПМНЕ дека за нас, политичката одговорност не завршува со детектирањето на проблемот, туку започнува токму таму. Да кажеме што не функционира за нас е најлесниот дел, многу потешко, но и многу поважно, е да преземеме одговорност да го подобриме. Затоа за мене оваа иницијатива во Штип е јасен пример за политичката култура што сакаме да ја градиме, култура на работа, на институционална соработка и на решенија што имаат мерлив ефект врз секојдневието на луѓето. Позицијата нема смисла сама по себе ако зад неа не остане чесност, посветеност и резултат. И токму затоа нашата одговорност како Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ е голема, капацитетот на партијата, на нејзините луѓе но и на нејзините структури да се стави во целосна функција не само за една политичката дебата, туку и за подобрување на реалните состојби во државата, посочи Митева.

На крај Митева истакна дека посветеноста на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ за подигнување на свеста и поддршка на пациентките ќе продолжи и по октомври, нагласувајќи дека грижата за здравјето нема временско ограничување и бара континуирана ангажираност и конкретни решенија.

-Нашата одговорност не смее и нема да заврши на 31 октомври. Оваа болест нема календар, пациентките немаат месец за кампања, а грижата не смее да биде сезонска. Затоа Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја развива оваа тема и по октомври, со истата амбиција како што започнавме, да слушаме, да поврзуваме, да помагаме и таму каде што можеме да оставиме решение зад себе. Сплотени дејствуваме за една победа повеќе, децидна е Митева.

Поврзани вести