
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска остварил средба со делегацијата на бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел, како што истакна тој, да се продлабочи соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на нашиот град.
– Мојата определба е цврста. Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани.
Посебен акцент ставивме на брзиот автобуски превоз – БРТ. Веќе е почната постапката за претквалификација на изведувачи за линијата 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот – наведе Ѓорѓиевски во објавата на „Фејсбук“.

Тој нагласи дека скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз – помалку време во сообраќај, полесно пристигнување на работа и на училиште, помал метеж и почист воздух.
– Разговаравме и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, инвестиција од огромно значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на граѓаните. Тоа е одговорност и кон генерациите на кои ќе им го оставиме овој град – напиша Ѓорѓиевски.
Градоначалникот рече и дека ја потврдил и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на зелениот акциски план за Скопје.

– Довербата што ја добив од граѓаните е мојата најголема обврска. Ќе продолжам да ги придвижувам проектите и истрајно да работам до нивна реализација. Нашиот успех мора да се чувствува во секојдневието на скопјани! За Скопје што оди напред. За град на кој повторно ќе бидеме горди! – истакнува тој во објавата по средбата со претставниците на ЕБОР.

Македонски


