
На протестите одржани во вторникот ширум Франција, по повик на средношколските и студентските организации, учествувале 480.000 луѓе, соопштија организаторите. Француското Министерство за внатрешни работи, пак, објави дека на улиците излегле 161.500 демонстранти, од кои 41.500 во Париз.
Протестите, петтиот национален бран на мобилизација на учениците и студентите, беа проследени со судири со полицијата, употреба на солзавец и водени топови, кршење излози и оштетување јавен имот. Според француските медиуми, најсериозните инциденти се случиле во Париз и Лион.
Разликата меѓу бројките е значителна и ги одразува проценките на двете страни. На претходниот протест, одржан на 6 октомври, властите изброиле 266.000 учесници, а организаторите околу 450.000. Тоа се бројките што се појавуваат во дел од првичните извештаи за протестите.
Солзавец и искршени излози во Париз
Во Париз, каде што се одржале два протестни марша, демонстрантите најпрво се собрале на Плоштадот Италија. Во поворката имало средношколци, студенти, наставници, синдикалци и здравствени работници.
Мирниот почеток на протестот подоцна бил засенет од инциденти. Според весникот „Ле Паризиен“, неколку стотици лица облечени во црно учествувале во судирите со полицијата, особено кон крајот на маршот, во близина на Плоштадот Вобан, недалеку од комплексот Инвалидите.
Дел од нив употребувале чекани и парчиња камен извадени од поплочените површини за да фрлаат кон полицијата. Околу 16.35 часот била искршена излог-вратата на продавница за вино од синџирот „Мезон Никола“ на Булеварот на Инвалидите, по што неколку лица влегле внатре и изнеле шишиња. Според сведоштво објавено во „Ле Паризиен“, шишињата биле наменети за употреба како проектил, а не за пиење.
Полицијата употребила солзавец и водени топови за да ја растера толпата. Според „Ле Монд“, демонстрантите биле блокирани на Плоштадот Вобан, а полициските кордони им го отежнувале излегувањето од просторот. Некои од младите, обидувајќи се да се повлечат од облаците солзавец, наидувале на нови полициски блокади.
Од толпата се слушале скандирања против полицијата и крајната десница, а дел од демонстрантите ја пееле и француската химна. На плакатите, меѓу другото, пишувало „Без образование нема нација“ и се барало поправеден систем за прием на факултетите.
Во Лион нападнат фотограф, повредени наставници
Сериозни инциденти имало и во Лион, каде што, според префектурата, протестирале околу 11.000 луѓе.
Весникот „Ле Монд“ објави дека група од околу 100 до 200 лица, опишани како припадници на таканаречениот „Црн блок“, оштетувале улична опрема, камери за видеонадзор и излози на банки и осигурителни компании, а фрлале и предмети кон полицијата.
Еден од учесниците се обидел од непосредна близина да фрли парче камен врз главата на професионален фотограф. Фотографот успеал да се тргне во последен момент и не бил повреден.
Во текот на полициските интервенции, според синдикални претставници цитирани од „Ле Монд“, биле удирани и членови на синдикалното обезбедување на наставниците, како и родители што учествувале во протестот. Еден наставник бил пренесен на итна медицинска помош откако бил удрен со пендрек под окото.
Поради инцидентите, поворката била прекинувана неколкупати, а локалните власти наредиле нејзино растурање пред планираниот крај на маршот. Префектурата соопштила дека биле приведени девет лица и дека четворица полицајци и жандарми биле повредени.

Македонски


