
Започна новата фаза од изградбата на Коридорот 8, со официјалниот почеток на работите на автопатската делница Кичево – Букојчани, долга 11,5 километри. Проектот треба да го поврзе автопатот Кичево – Охрид со идната автопатска траса од Тетово преку Гостивар до Букојчани, создавајќи услови за непрекинато автопатско патување од Скопје до Охрид.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, истакна дека со изградбата на оваа делница се пополнува важен дел од Коридорот 8, кој се протега од Деве Баир до Ќафасан.
Тој најави дека автопатот Кичево – Охрид треба да биде пуштен во употреба во 2027 година, а со поврзувањето на останатите делници се очекува значително да се скрати времето на патување меѓу главниот град и Охрид.
„Денес не зборуваме за планови, зборуваме за почеток на изградба на автопат од Кичево до Букојчани, во должина од 11,5 километри. Ова е дел од Коридорот 8, од Деве Баир до Ќафасан. Интензивно работиме веќе две и пол години и во 2027 ќе го пуштиме автопатот Кичево – Охрид“, изјави Трајановски.
Тој додаде дека интензивно се работи и на автопатската делница од Тетово преку Гостивар до Букојчани, нагласувајќи дека новата траса ќе ги поврзе двата автопатски правци.
„Денес почнуваме да го градиме делот што недостасува, а кој ќе ги поврзе овие два автопати. Со тоа ќе добиеме непрекинат автопат од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид“, посочи директорот на ЈПДП.
Според најавите на Трајановски, новиот автопатски правец ќе биде без патарини, а патувањето од Скопје до Охрид би можело да трае помалку од час и половина.
„Тоа ќе биде современ автопат на кој нема да има патарини. Се надеваме дека од Скопје до Охрид ќе патуваме за помалку од еден и пол час“, истакна тој.
Со изградбата на делницата Кичево – Букојчани продолжува реализацијата на инфраструктурните проекти на Коридорот 8, чија цел е подобрување на поврзаноста меѓу источниот и западниот дел на државата, побезбеден сообраќај и побрзо патување кон Охрид.
Целосното автопатско поврзување ќе зависи од завршувањето и пуштањето во употреба на сите потребни делници, за што надлежните институции најавуваат активности и во текот на 2027 година.

Македонски


