Skip to main content

Повеќе од 70 апсења по нападите со нож во училиштата во Полска

фото: МИА

Полската полиција денеска соопшти дека 76 лица се уапсени по двата напади со нож во училишта, кои се случија во средината на оваа недела, а во кои едно лице загина, а неколкумина беа повредени.

Проверени се околу 50.000 училишта ширум земјата, објави полицијата на X. „Забележани се вкупно 231 инцидент во кои полициските службеници интервенираа поради основано сомневање за извршено кривично дело“, додаде полицијата.

Засега нема информации за идентитетот на приведените лица.

Во четвртокот, 37-годишен училиштен домаќин беше убиен, а две лица беа повредени во напад со нож кој во училиште во местото Лешчидол-Новини, околу 70 километри североисточно од Варшава, го изврши 15-годишник.

Ден претходно, во средата, 19-годишник со нож повреди девет лица, од кои две потешко, во стручно училиште во Остроленка, место оддалечено нешто помалку од 100 километри северно од Варшава.

Полскиот премиер Доналд Туск во четвртокот наложи редовни полициски проверки во сите училишта во земјата. Многу училишта во регионот Мазовија, кој ја опкружува Варшава, вчера останаа затворени.

Туск изјави дека 15-годишниот напаѓач носел кацига со камера за да го сними своето злосторство.

Полицискиот оддел за кибер-криминал дополнително истражуваше дали на социјалните мрежи постои предизвик што ги поттикнува младите на извршување вакви напади. Сепак, полицијата вчера соопшти дека засега нема индикации за такво дејствување. 

Поврзани вести