Skip to main content

Вардар вечерва ги брка првите бодови во ЛШ

 Македонскиот ракометен првак Вардар вечер ќе ја пречека Висла Плоцк во третото коло од ЕХФ Лигата на шампионите. Тренерот Иван Чупиќ очекува тежок натпревар, но верува дека со силна енергија, добра игра и поддршка од полните трибини „црвено-црните“ можат да стигнат до првите бодови.

– Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме сите сегменти од играта на Висла, и во нападот и во одбраната. Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично. Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да одиграме подобро отколку против Охрид, но и подобро отколку на натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и постигнувањето лесни голови. Сепак, ако треба да изберам еден клучен сегмент, тоа ќе биде нападот, нагласи Чупиќ. Во „Јане Сандански“ никој не смее лесно да одигра и лесно да ги освои бодовите. Сакам нашиот домашен терен да биде тврдина. Досега имавме две добри изданија за кои не бевме наградени, а сега сакаме тоа да го крунисаме со победа. Нашата желба е по три одиграни кола да ги имаме првите два бода, порача Чупиќ.

Почетокот на натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е во 20:45 часот.

Поврзани вести