
Премиерот Христијан Мицкоски смета оти Европската унија препознала дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во Унијата за да решаваат прашања кои немаат никаква врска со европските вредности и оти резултат на тоа е предлогот на Европската комисија до Советот да се укине правото на вето во пристапните преговори, а да остане пред самиот чин на зачленување. Ова, смета премиерот, е голема шанса затоа што, како што рече, Македонија веќе исполнува два од трите услови за постепена интеграција, што е дел од предлогот, а за третиот, кој се однесува на реформи и е засебен за секоја земја ќе направат се што може побрзо да го исполнат.
– Очигледно таму состојбата е препознаена, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамките на Европската Унија и се обидуваат да излезат надвор од рамките на merit-based пристапувањето или пристапување по заслуга, и се обидуваат преку своето членство таму да решаваат некои прашања коишто немаат никаква врска со европските вредности. Тоа е препознаено и јас, ако се сеќавате, дадов една таква изјава кога бев во јуни во Тиват, по средбите со германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Макрон. Она што охрабрува е градуалната, односно постепена интеграција, во којашто ние како земја ќе имаме големи шанси, бидејќи во суштина кога сето тоа ќе го анализирате и сумирате, ќе дојдете до заклучок дека три услови ќе треба да бидат исполнети за да почне процесот на постепена интеграција – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по пуштање во употреба на детска градинка во Шуто Оризари.
Појасни дека првиот услов ќе биде за секоја држава посебно, а ќе се однесува на одредени реформи коишто ќе треба државата да ги направи, а кои допрва ќе се усогласуваат.
– Вториот услов е земјата да има заедничка надворешна и одбранбена политика, нешто што, како што рече и претседателката Фон дер Лајен, дека ние како држава тоа први го направивме и веќе го имаме усогласено. И третиот услов е во делот на системот за јавни набавки, реформа којашто ние во текот на следната недела ќе ја завршиме и ќе ја усвоиме во рамките на Парламентот. Значи, од трите, две имаме, а за првиот чекаме што е тоа што за нас како држава ќе биде доставено од страна на самата Европска комисија. Ние сè ќе сториме за да го направиме тоа и да почне градуалната, односно постепена интеграција – интеграција во единствениот пазар и така натаму. Имаме таму неколку позиции каде што сме силно заинтересирани како држава да пристапиме – потенцира премиерот Мицкоски.
Според него, очигледно дека од земјите членки е препознаено тоа што некои од земјите членки во рамките на Европската Унија го прават, и затоа се обидуваат со некаков ваков маневар да овозможат кандидатите да дојдат до фаза да бидат членки во рамките на Европската Унија.
– И тоа е многу слично со она што ние велиме кога станува збор за промена на Уставот – таа промена практично да стане апликабилна тогаш кога ние ќе ги завршиме преговорите – рече Мицкоски.

Македонски


