Skip to main content

Потврдена средбата со министерката за надворешни работи на Бугарија: Ќе испратиме порака дека само со дијалог може да најдеме решение, порача Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека е добиена официјална потврда за одржување билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова утре во Софија, каде се одржува Меѓународна конференција на министерско ниво, посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8.

Форматот и начинот на нејзиното одржување, додаде Мицкоски, дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.

Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот дополнително ќе бидат договорени, стои во дипломатската нота. Така што утре ќе има билатерална средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside, дали ќе биде билатерална на маргините на Самитот за Коридорот 8. Сепак, ова е мултилатерален настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира – истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштање во употреба на новата детска градинка „8 Април“ во Општина Шуто Оризари.

За пораките што ќе бидат испратени на средбата истакна дека во фокусот ќе биде потенцирањето дека само со дијалог може да се надмине моменталната состојба.

Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме – истакна Мицкоски.

Во однос на пораката од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која упати апел уште еднаш да се согледа европската политика за проширување и проблемот да не се претставува само како билатерален, премиерот Мицкоски порача дека ги познава европските вредности, но дека дел од земјите-членки ги заборавиле откако се интегрирале.

Благодарам на советот. Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Но, претпоставувам некои од земјите членки коишто се удобни во фотелјите во Брисел ги заборавија откако станаа земји членки – истакна Мицкоски.

Поврзани вести