Skip to main content

Автопат до „Меџитлија“ и експресен пат од Битола до Охрид предвидува Нацрт просторниот план до 2040 година

Претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖПП) и Агенцијата за планирање на просторот денеска во Битола одржаа презентација на Нацртот на просторниот план на Република Македонија 2040 со акценти за Пелагонискиот плански регион.

На јавната расправа, аудиториумот беше запознат со основните цени и концептот на Просторниот план, клучните плански решенија од национално значење и позначајните просторни развојни прашања и решенија важни за преспанско-пелагонискиот регион.

Министерството за животна средина и просторно планирање води постапка за изработка и донесување на новиот просторен план на државата. Оваа постапка не е само презентација на обичен просторен план, туку и документ кој ќе даде насока како сакаме државата просторно да биде испланирана со 2040 година. Просторното планирање е важно и е уставна обврска. Актуелниот Просторен план кој сеуште се имплемтира беше со временски хоризонт до 2020 година и е со изминат рок, но до донесување на нов, ние ќе продолжиме да работиме според актуелниот Просторен план кој во речникот на планирање на просторот претставува Устав во планирање на просторот, посочи Неби Реџепи, раководител на секторот за просторно планирање во МЖПП.

Учесниците на јавната расправа беа запознати со развојната стратегија што ја овозможува Просторниот план до 2040 година, начините за намалување на демографскиот јаз меѓу скопскиот и останатите региони во земјава, и најавија можности за изградба на автопат до граничниот премин Меџитлија, изградба на експресен пат од Битола до Охрид, изградба на 16 акумулации на реките во регионот, изградба на централа на биомаса, трансформаторски станици…но и потреба од нови економски политики за задржување на работната сила во регионот.

Новата стратегија треба да овозможи развој на пелагонискиот плански регион, односно на деветте општини. Секако важен е и нашиот директен придонес за што подготвуваме Генерален урбанистички план за Општина Битола. Очекуваме јасни насоки за идното просторно планирање во регионот, истакна градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Со новиот Просторен план во преспанско-пелагонискиот регион се очекува формирање на уште еден трет национален парк, односно покрај националните паркови „Пелистер“ и „Галичица“ да биде вклучен и националниот парк „Ниџе“, беше соопштено на денешната јавна презентација во Општина Битола. 

Поврзани вести