Skip to main content

Брат и сестра завршиле во брак: Посвоените лица го бараат своето право да ги најдат биолошките родители

Freepik

Посвоените лица треба да имаат право да дознаат кои се нивните биолошки родители и да имаат пристап до документацијата за своето потекло. Тоа денеска од Охрид го порача Илија Јовановиќ, претседател на Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализираните групи граѓани „Градиме иднина“ од Скопје, што бара измени на законските одредби што го ограничуваат тоа право.

Ова е горлив проблем, болна тема за посвоените кои трагаат по своите биолошки родители. За жал, живееме во лага, рече Јовановиќ.

Тој информира дека на вчерашната работна средба со Министерството за труд и социјална политика и министерот Ѓоко Велковски било ветено формирање комисија што ќе работи на измени на легислативата.

Јовановиќ во име на посвоените бара да се измени или целосно да се укине членот 123-а, за кој смета дека ги спречува да го дознаат своето биолошко потекло. Според него, потребни се и измени со кои ќе се зачува нивниот изворен идентитет во документацијата за посвојувањето.

Фото: МИА

Како што им е дадено името од биолошките родители, така и да остане. Не смее целиот идентитет да се брише, истакна Јовановиќ.

Тој посочи дека дел од посвоените со години живеат без сознанија за своето потекло, а преку социјалните мрежи ги бараат биолошките родители, браќата, сестрите и другите роднини. Според него, во Охрид има од 10 до 15 семејства што трагаат по своите биолошки роднини.

Како една од последиците од недостигот на информации за биолошкото потекло, Јовановиќ го посочи ризикот од стапување во брак меѓу лица кои не знаат дека се во сродство.

Не сакаме да дозволиме браќа и сестри да се разделуваат со посвојувањето, а потоа, не знаејќи дека се во сродство, да стапуваат во брак, рече тој, наведувајќи случај во кој, според неговото сведоштво, сродството било откриено со ДНК-анализа откако брат и сестра, разделени со посвојувањето, стапиле во брак.

Јовановиќ тврди дека документацијата за посвојувањата се чува во Државниот архив во Скопје и ги повика посвоените да не се откажуваат од потрагата по податоците за своето потекло.

Целата документација од самото посвојување се наоѓа во Државниот архив на Република Македонија во Скопје, рече Јовановиќ, повикувајќи ги посвоените и посвоителите да се вклучат во иницијативата.

Тој најави и формирање нова организација што ќе се занимава со истражување случаи на исчезнати деца и новороденчиња евидентирани како починати. Здружението, како што рече, ќе продолжи да бара законски измени и пристап до податоците за биолошкото потекло, повикувајќи се на правото на идентитет и на меѓународните стандарди за човекови права.

Во однос на проблемот со децата питачи, тој информира дека во рамки на проектот на Здружението се спроведуваат активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, со конкретни активности на терен за отстранување на децата од улиците.

Во Охрид имаме од 20 до 30 питачи, од најмала возраст, од новороденчиња, од три, пет, седум, па до 15 години. Имаме и девојчиња кои се злоупотребуваат за нудење сексуални услуги, посочи тој.

Тој апелираше до граѓаните да ги пријавуваат случаите за кои ќе забележат дека се поврзани со злоупотреба на деца.

Секој таков случај што ќе го забележат, особено со изнајмување апартмани, ги замолувам веднаш да го пријават во најблиската полициска станица, рече тој.

Според Јовановиќ, децата питачи во Охрид доаѓаат и од други градови и постои организиран начин на нивно носење и распоредување.

Ги носат од Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Ресен. Значи, има организирана шема, рече Јовановиќ, додавајќи дека проектот се спроведува пет години.

Тој посочи дека според податоците со кои располага Здружението, бројот деца кои секојдневно питачеле на ниво на државата бил околу 2.000, а сега е намален на околу 700.

Од 2.000, сега проектот го намали бројот на 700, но ние продолжуваме со овој проект и не се откажуваме, рече Јовановиќ.

Според него, за решавање на проблемот е потребно поголемо вклучување на општеството, преку отворање дневни центри и организирање едукативни работилници, како и вклучување на децата во образовниот систем.

Јовановиќ зборуваше и за злоупотребата на децата за профит посочувајќи дека, според истражувањето на Здружението, едно дете за осум часа питачење може да донесе од три до пет илјади денари, а самото дете добива од 10 до 30 денари.

За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари, а останатите, поголеми суми, завршуваат кај нивните шефови и организатори, рече Јовановиќ.

Јовановиќ рече дека се поднесуваат и кривични пријави, а Здружението бара измени во кривичното законодавство за побрзо одземање на родителското право во случаи на злоупотреба.

Радиша Павловиќ, претседател на Државната комисија во Србија за истражување на случаите на пријавени исчезнати и киднапирани деца, укажа на потребата од регионална соработка за решавање на случаите од земјите на поранешна Југославија.

Фото: МИА

Имајќи предвид дека сите живеевме заедно на просторот на поранешна Југославија, мора да направиме механизам за да можат и родителите и децата да дојдат до својата вистина. Колку и да е таа вистина болна, таа носи огромна болка и за родителите и за нивните деца, рече Павловиќ.

Сродните организации од Србија, Македонија и Словенија најавија проширување на соработката со претставници од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и други земји од регионот, со цел да им се помогне на родителите и на посвоените деца да дојдат до својата вистина (МИА). 

Поврзани вести