Skip to main content

Инспекторатот за земјоделство извршил 873 вонредни контроли кај откупувачи, изречени 30 мерки и 17 платни налози

Freepik

Државниот инспекторат за земјоделство од почетокот на годината до 15 септември извршил вкупно 873 вонредни инспекциски надзори кај регистрирани правни лица што вршат откуп на земјоделски производи, а поради утврдени неправилности, биле изречени 30 инспекциски мерки и издадени 17 платни налози – соопшти денеска директорот Ивица Ангеловски.

На заедничката прес-конференција со министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, Ангеловски рече дека надзорите биле спроведени во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој врз основа на месечни планови и работни налози на Инспекторатот, а за констатираните неправилности инспекторите изрекле 30 инспекциски мерки во форма на забрани, опомени, наредби и задолженија, а биле издадени и 17 платни налози.

Во текот на 2026 година државните инспектори за земјоделство за утврдените неправилности имаат изречено вкупно 30 инспекциски мерки за кои се издадени решенија во форма на забрани, опомени, наредби и задолженија. Дополнително, за утврдени неправилности при откупот, државните инспектори за земјоделство имаат издадено 17 платни налози, од кои три се платени, а за другите, кои не се платени, се водат прекршочни постапки пред прекршочната комисија во Министерството – рече Ангеловски.

Како најчесто утврдени неправилности при инспекциските надзори ги наведе вршење откуп без склучени договори со производителите, неисплатени обврски за откупените земјоделски производи, непочитување на роковите за исплата, неистакнување ценовници за откуп, непоседување верификувани мерни инструменти и вршење откуп без упис во Регистарот на откупувачите.

Ангеловски посочи дека Инспекторатот активно учествува и во процедурите за извоз на земјоделски производи преку сертификација и издавање фитосанитарни сертификати.

Инспекторатот е активно вклучен во процесот на одобрување на извозот на земјоделски производи преку вршење сертификација и издавање фитосанитарни сертификати за извоз и реекспорт, меѓународен документ кој потврдува и гарантира здравствена исправност и отсуство на карантински штетни организми кај производот што е предмет на извоз – рече директорот на ДЗИЗ.

Тој најави дека контролите ќе продолжат и во наредниот период со цел заштита на правата и интересите на земјоделските производители, а за сите утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни инспекциски мерки во согласност со законските прописи.

Поврзани вести