
Папата Лав XIV ги повика младите генерации во Европа да не се обесхрабруваат поради глобалните кризи и конфликти, упатувајќи ја пораката „Не плашете се од иднината“ на последниот ден од својата четиридневна посета на Франција, за време на обраќањето во градот Мец.
Поглаварот на Католичката црква во својот говор истакна дека односите меѓу луѓето и меѓу државите стануваат сè поварварски, при што не се почитува дадениот збор, а наместо тоа, луѓето се фалат со лаги и измами. Притоа, тој не именуваше конкретни политичари или држави.
Заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, поглаварот на Католичката црква ја повика Европа да стави крај на оваа надолна спирала, потсетувајќи дека во изминатите 80 години таа импресивно покажала оти е можно различните мислења, барања и интереси да се застапуваат преку обединување, наместо преку меѓусебна борба.
Папата Лав XIV го избра Мец за последна станица од својата четиридневна апостолска посета бидејќи тој град бил дом на францускиот политичар Робер Шуман (1886-1963), еден од татковците-основачи на Европската Унија. Во годините по Втората светска војна, како министер за надворешни работи на Франција, Шуман ги постави основните темели на современа Европа.(МИА)

Македонски


