Skip to main content

Најмалку 10 исчезнати по лавина на Хималаите, спасувачката акција отежната поради лошото време

Фото: Freepik

Најмалку десет непалски планинари се водат како исчезнати откако лавина утрово го погодила нивниот базен камп на Хималаите.

Станува збор за локални водичи кои се наоѓале во близина на врвот Химлунг Химал, висок 7.126 метри, на границата меѓу Непал и Тибет. Тие биле испратени пред пристигнувањето на странските планинари за да го подготват кампот, да ја уредат рутата и да постават јажиња за искачување.

Според организаторите на експедицијата, осум членови на еден тим и уште две лица од друга компанија се водат како исчезнати.

Во подрачјето во последните денови паѓал обилен снег, а лошото време дополнително ја отежнува спасувачката акција. Хеликоптерите и спасувачките екипи засега не можат да пристапат до местото на несреќата.

Условите во планинските предели на Непал во моментов се исклучително опасни, со непрекинати врнежи од дожд и снег. Поради зголемениот ризик од лавини, претходно оваа недела планинари морале да се откажат и од искачувањето на Манаслу, осмиот највисок врв во светот.

Несреќата на Химлунг Химал се случува во период на тешки временски услови низ поширокиот хималајски регион, каде што во последните недели се регистрирани повеќе несреќи и природни непогоди.

Поврзани вести