Skip to main content

Лебедот, паунот и рисот инспирација за јубилејната колекција на КОКЕВ претставена на спектакуларна ревија на Камениот мост

Модниот бренд КОКЕВ одбележа 20 години постоење со спектакуларна јубилејна ревија на една од најпрепознатливите локации во Скопје – Камениот мост. Во вечер исполнета со мода, македонска музика, уметност и силна симболика, КОКЕВ ја претстави својата нова колекција и со тоа заокружи две децении посветени на создавање автентичен и препознатлив моден израз.

Како што објаснуваат од брендот, изборот на локацијата не беше случаен – мостот, како место што ги поврзува различните страни на градот, симболично ја претстави и врската меѓу минатото и иднината на КОКЕВ.

Посебен печат на вечерта даде актерот Никола Ристановски, кој ја отвори ревијата со текст од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Целата ревија беше проследена исклучиво со македонска музика, со композиции и хитови.

Во центарот на вечерта беше новата јубилејна колекција на КОКЕВ, инспирирана од три моќни суштества – лебедот, паунот и рисот. Нивната елеганција, раскош, сила и индивидуалност беа преточени во силуетите, текстурите и деталите на креациите, истовремено рефлектирајќи дел од вредностите што го дефинираат брендот во изминатите две децении.

Јубилејната вечер воедно означи и почеток на ново поглавје за КОКЕВ. По 20 години во кои дизајнерката Тања Кокев го создаваше и развиваше својот препознатлив моден потпис, во студиото како креативна директорка влегува нејзината ќерка Клара Кокев. Тања и Клара Кокев отсега заедно ќе работат на понатамошниот развој на брендот, поврзувајќи го неговото наследство со една нова генерација и нова креативна визија.

Гостите на почетокот на вечерта ги пречека харфистката Мерсиха Шукри, а по завршувањето на ревијата прославата продолжи со забава со диџеј Славе пред Музејот на македонската борба.

Поврзани вести