
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „Тема на денот“ зборуваше за платформата „12.05“ и рече дека СДСМ била тема на дебата на двата нивни состаноци досега. Еден од заклучоците е дека СДСМ треба да биде опозициски двигател во државата, но, за жал, според оценките на етаблирани луѓе во општеството, како што ги нарече таа, не е така.
„Но, за жал, според нивните оценки, тоа не е така. И бидејќи поминаа и две години од новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, се детектираа сериозни пропусти и во начинот на водење на политиките, и во начинот на носење одлуки, и во кадровските политики, кои резултираа со исклучително лоши резултати на локалните избори. Многу е важно и јавноста да знае, и да потсетиме, иако и самиот претседател на СДСМ го потврди тоа, дека во изминатиот период од две години, со сите тие кои што сега ги нарекуваат „платеници“, „одбивници“, „предавници“ и така натаму, што недоличи на социјалдемократијата, тој призна и потврди дека разговарал и се сретнал со секој еден од нас поединечно. На тие средби беше укажувано на сето она што практично сега јавноста го констатира, а тоа е дека СДСМ го губи приматот како опозициска партија“, рече Петровска.
Според неа, опозицијата не може да се појавува само периодично со одредени теми.
„За да видите, опозициска партија не значи периодично, кампањски да се појавува. Не зборувам само за него, туку генерално, како политика, како раководство и така натаму“, рече таа и додаде дека опозицијата не може да нема став за важни теми.
„Не значи на многу чувствителни прашања, настрана од уставните измени, да нема став. Или во Собранието многу често да не гласате за некои закони и така натаму. Ова се само примери.“

Македонски


