
Дете кое оваа есен првпат ќе седне во училишна клупа, во 2040 година ќе биде млад човек на прагот на зрелоста. Не знаеме точно како ќе изгледа светот во кој ќе живее, но веќе знаеме дека ќе биде поинаков од нашиот, порача претседателот на Владата во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Премиерот во своето обраќање се осврна на големите технолошки, економски, климатски, демографски и безбедносни промени што ќе го обликуваат светот во следните години.
– Вештачката интелигенција ќе ги преобрази професиите, индустриите и начините на кои се носат одлуките. Енергетиката ќе функционира според нов распоред и нова логика. Климатските промени ќе влијаат врз економиите, земјоделството, градовите и движењето на луѓето. Демографските промени ќе ги преобликуваат пазарите на трудот и системите за социјална заштита – рече премиерот.
Како што нагласи, безбедноста во иднина нема да зависи само од армиите и државните граници. Таа сè повеќе ќе зависи и од заштитата на електроенергетските мрежи, дата-центрите, каблите, сателитите и алгоритмите, но и од довербата во информациите што луѓето ги добиваат секој ден.
Наспроти подготовките за таквата иднина, милиони луѓе и натаму живеат среде војна или под постојана закана од војна. Повеќе од сто милиони луѓе се присилно раселени, а над 270 милиони деца и млади не посетуваат училиште.
Според премиерот, токму во тоа се гледа најголемиот парадокс на времето во кое живееме.
– Човештвото никогаш немало толку големи научни и технолошки можности. А сепак, никогаш не било поочигледно дека технолошката моќ не создава автоматски и политичка мудрост – порача тој од говорницата на Обединетите нации.
Затоа, како што истакна, прашањето пред светските лидери не е само како ќе управуваат со кризите со кои се соочува светот во 2026 година. Многу поважно е каков меѓународен поредок ќе ѝ биде оставен на генерацијата што денес првпат тргнува на училиште.
– Вистинското прашање е: каков меѓународен поредок ќе ѝ оставиме на генерацијата што денес тргнува на училиште? – рече премиерот.
Тој предупреди дека светот се менува со извонредна брзина. Центрите на моќ се поместуваат, технологијата и економските односи се менуваат, а заедно со нив се менуваат и безбедносните доктрини и сојузите.
Идниот меѓународен поредок, според премиерот, нема да се обликува само на боиштата или во дипломатските сали. Тој ќе се создава и во лабораториите, училиштата, фабриките, енергетските мрежи и дата-центрите, како и преку способноста на општествата да ги разберат и да ги управуваат промените што ги носи технологијата.
– Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста – нагласи тој.
Порача дека светот не смее да чека новите технологии да создадат дополнителни нееднаквости за дури потоа да воспоставува правила. Исто така, државите не смеат да чекаат младите да заминат за да почнат да создаваат општества во кои тие ќе гледаат иднина за која вреди да останат.
Не смее да се чека ниту институциите целосно да ја изгубат довербата на јавноста за да бидат реформирани, ниту светот конечно да се подели на спротивставени блокови за повторно да се препознае вредноста на дијалогот.
Враќајќи се на детето со кое го започна обраќањето, премиерот рече дека тоа во 2040 година ќе биде 14 години постаро. Никој од денешните лидери не може да му вети дека ќе живее во мирен свет, без кризи и без конкуренција. Но сегашната генерација може да му остави свет во кој моќта нема да биде единствениот аргумент.
– Можеме да му оставиме свет во кој знаењето не е привилегија на малкумина. Свет во кој сојузите создаваат безбедност, наместо нови линии на страв. Свет во кој технологијата му служи на човештвото. И свет во кој мала држава има право на истото достоинство, на истите правила и на истиот глас како и голема сила – порача премиерот.
Според него, токму тоа е ветувањето што денешната генерација лидери треба да го обнови – не затоа што е наивна во поглед на светската реалност, туку затоа што е доволно свесна за последиците од свет во кој единствениот аргумент е моќта.

Македонски


