
Министерска конференција меѓу Западен Балкан и земјите-членки на Славков 3 иницијативата – Австрија, Чешка и Словачка, ќе се одржи на 27 септември во Виена, на којашто ќе се дискутира за напредокот кон Европската Унија. Она што е позитивно е дека има особена заинтересираност во моментов за процесот за проширување, дека имаме напредок, така што за разлика од порано, сега зборуваме и за конкретни држави коишто ќе се приклучат кон Унијата.
Ова го изјави австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер, на настанот на Славков 3 иницијативата што се одржа денеска во Европска куќа во Скопје. Според него, со оваа министерска конференција, исто така ги мобилизираме силите да ја продолжиме работата на реформите и на напредокот кон ЕУ.
Во однос на тоа кој нон-пејпер ќе преовладува во однос на новата стратегија за проширување што се очекува да се објави на 30 септември, тој вели дека се уште има процес на разговори за различните нон-пејпери.
Македонија направи одлична работа во однос на Планот за раст и благодарение на тоа на земјата ќе и бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок. Сметам дека е важно да се одржи чекорот, издржливоста и посветеноста. Секако, може да гледате на тој процес во смисла дали чашата е полуполна или полупразна – рече Памер во изјава за медиумите.
„Славков 3“ е формат од три земји-членки – Словачка, Чешка, Австрија и овој формат е воспоставен пред 11 години за соработка меѓу овие три држави. Целта на оваа иницијатива е меѓусебна поддршка на заемните интереси внатре во ЕУ, но исто така и да се поддржи напредокот и стратешките проекти и задачи како на пример проширувањето на ЕУ и исто така и интеграцијата на земјава во Унијата.

Ова го правиме со соработка и заеднички сили кога станува збор за заедничките позиции во контекст на проширувањето. Така што го поддржуваме овој проце со многу заеднички иницијативи на пример со Планот за раст, со постепената интеграција, со специфични мерки, чија цел е да им помогнат на луѓето тука. Трите земји – Австрија, Чешка и Словачка се вклучени во конкретни проекти, особено во областа на алпскиот туризам, со цел да се поддржи одржливиот туризам, при што почнавме со изградба на пешачки патеки, како и обновување на постоечките до Водно, до Титов Врв, на Шар Планина и на Пелистер – додаде тој.
Памер исто така истакна дека Македонија е втора земја надвор од Европската Унија каде што групата „Славков 3“ се вклучи во проекти што се видливи за луѓето и корисни за земјата.
Ние го поддржуваме алпскиот и одржливиот туризам во Македонија, имајќи предвид дека вашата земја има многу слични географски карактеристики како и нашите три земји. Имено, сите сме земји без излез на море, но имаме прекрасни планини и езера. Исто така, имаме повеќе планински домови отколку Македонија, па се обидуваме да го поддржиме овој развоен сектор и градиме планинарски патеки. Понекогаш наидуваме на потешкотии, но не се откажуваме, продолжуваме со упорност и посветеност – рече Памер.
Австрискиот амбасадор нагласи дека групата „Славков 3“ и групата „Пријатели на Западен Балкан“ се најгласни кога станува збор за придржување кон оваа заложба за поддршка, за застапување на процесот на проширување и за одржување на темата високо на агендата.

Се соочуваме со многубројни кризи ширум светот – прашањата поврзани со Украина, Молдавија и така натаму – затоа е важно земјите од овој регион, а особено Македонија, да имаат некој што се залага за нивната интеграција и им дава поддршка. Кои се конкретните, видливи резултати? На пример, SEPA – Единствениот европски систем за плаќање – што значи значително помали трошоци за трансфер на пари и плаќања. Потоа, секако, Планот за раст: Македонија успешно спроведе многу реформски проекти и е посветена на продолжување на тој процес, што сега резултира со доделување 140 милиони евра за земјата, наменети за понатамошни активности. И она што допрва следи, иако спроведувањето не е едноставно, сепак е многу важно и лично го сметам за значајно – е зоната без роаминг во ЕУ. Тоа значи дека наскоро, веројатно во рок од една или две години, повеќе нема да има трошоци за роаминг – потенцира Памер.
Заменичката амбасадорка на Чешка во земјава Андреа Штајнер Вотавова, рече дека вистинската сила на форматот „Славков“ лежи во неговата способност да поврзе две работи за кои често се дискутира одделно: главните европски приоритети – кои сите вие ги споменавте – и опипливите придобивки за граѓаните.
Како што веќе беше истакнато, поддршката за европската интеграција на Западен Балкан останува еден од нашите клучни приоритети. Цврсто веруваме дека иднината на Македонија е во Европската Унија, и затоа продолжуваме да го поддржуваме кредибилниот процес на проширување заснован на заслуги – посочи таа.
Во исто време, додаде таа, форматот „Славков“ не се однесува само на политички дијалог и заеднички ставови, туку и на постигнување конкретни резултати на терен – што е токму она што се обидуваме да го направиме со нашиот проект овде.
Мрежата на планинарски патеки, развиена во рамките на нашиот заеднички проект „Славков“, е одличен пример за тоа. Делницата финансирана од Чешка – како што веќе беше споменато, од Долно Соње до врвот на Водно – беше завршена минатата година и веќе активно ја користат локалното население и посетителите. Гледаме многу туристи кои доаѓаат на нашата патека – истакна таа.
Фото: МИА

Македонски


