Skip to main content

За 35 години „Матица македонска“: Ново јубилејно издание на Ацо Шопов – „Ветрот носи убаво време“

По повод 35 години од своето постоење, „Матица македонска“ го објави јубилејното издание „Ветрот носи убаво време“ од Ацо Шопов – книга што на едно место обединува три пресудни точки од поетската еволуција на еден од основоположниците на современата македонска книжевност и, едновремено, три книги што имаат исклучително место во развојот на македонската поезија.

Во новото издание се обединети поетските книги „Стихови за маката и радоста“ (1952), „Слеј се со тишината“ (1955) и „Ветрот носи убаво време“ (1957). Три книги објавени во само пет години, а години во кои македонската поезија минува низ едно од своите најважни созревања: од освојувањето на правото на интимен, личен и автентичен поетски глас, преку продлабочувањето на поетската рефлексија, до исчекорот кон една посложена и модерна поетика.

Со „Стихови за маката и радоста“, Шопов го отвора просторот на субјективноста во македонската поезија во време кога тоа претставувало и книжевен и духовен предизвик. „Слеј се со тишината“ го продлабочува тој пресврт и го најавува поетот кој сè поодлучно ја напушта еднозначноста на непосредната исповед. А со „Ветрот носи убаво време“ веќе се отвораат просторите на егзистенцијалното, на тајната, на убавината и минливоста, на љубовта, тагата, човекот и неговото трагање по смислата.

Оттука, ова издание не е само нов избор од поезијата на Ацо Шопов. Тоа е можност во еден том да се проследи раѓањето и созревањето на една од најзначајните поетики на македонскиот XX век.

Насловот „Ветрот носи убаво време“ денес звучи и како стих и како порака. Ветрот кај Шопов не е само природна слика. Тој е движење, немир, промена, копнеж, сила што го растерува наталоженото и го отвора хоризонтот. Токму затоа, седум децении по создавањето на овие стихови, нивната поетска енергија не му припаѓа само на книжевното минато. Таа продолжува да допира до современиот читател со истите големи прашања за човекот, љубовта, загубата, надежта и убавината.

Посебна вредност на изданието му дава и критичкиот текст на академик Георги Старделов, „Сѐ на еден и ист глас – или За интимната лирика на Ацо Шопов“, кој ја согледува поетската еволуција на Шопов и пресвртничкото значење на неговата поезија во развојот на современата македонска книжевност. Книгата е дополнета и со биографска белешка и со обемен библиографски преглед на поезијата на Шопов во Македонија и во светот, како и на позначајните книги и зборници посветени на неговото дело.

Со објавувањето на „Ветрот носи убаво време“, „Матица македонска“ ја одбележува својата 35-годишнина со враќање кон едно од темелните имиња на македонската книжевност, но не како чин на книжевна носталгија, туку како ново отворање на големата поезија кон новите генерации читатели.

Зашто големата поезија не останува зад нас. Таа постојано ни доаѓа одново.

А со Ацо Шопов, и по седум децении, ветрот сè уште носи убаво време.

Поврзани вести

giyimJojobetMultiwin girişmarsbahis güncel girişjojobetpusulabetjojobetrichest gamblersFree spins no depositzirvebetjojobetbahsegelsekabetMarsbahis girişcasibomAvvabetAvvabet GirişAvvabet GirişAvvabetAvvabet GirişAvvabetAvvabetstarzbetcasibommeritkingholiganbetmarsbahiscasibom girişjojobetfixbetjojobet