Skip to main content

Во Велика Британија пријавени повеќе од 150 смртни случаи кои можеби се поврзани со инјекции за слабеење

Фрипик

Повеќе од 150 смртни случаи се пријавени во врска со инјекции за слабеење, покажуваат податоците на британската Агенција за лекови и здравствени производи (МХРА), која сепак истакнува дека пријавите не докажуваат дека самиот лек го предизвикал смртниот исход.

Објавено е и дека пациентите кои користат лекови за слабеење поднеле околу 150.000 пријави за можни нуспојави и други несакани реакции.

Податоците се собрани во рамките на системот „Јелоу кард“ (Yellow Card) на британската МХРА, кој им овозможува на пациентите, членовите на нивните семејства и здравствените работници да пријавуваат нуспојави од лекови.

Но, МХРА нагласи дека пријавите во системот „Јелоу кард“ не докажуваат дека лекот предизвикал нуспојава или смрт. Тие само покажуваат дека лицето кое го пријавило случајот се сомневало на можна поврзаност.

Податоците ги опфаќаат лековите од групата ГЛП-1кои се достапни во рамките на британскиот Национален здравствен систем (НХС), вклучувајќи го лираглутидот, кој се продава под името Саксенда, семаглутидот познат како Вегови, како и тирзепатидот кој се продава како Мунџаро.

Според податоците, за тирзепатидот, активната супстанција на лекот Мунџаро, се пријавени 106.189 несакани реакции и 120 смртни случаи за кои се сомнева дека се поврзани со лекот.

Семаглутидот, пак, е поврзан со 48.089 пријавени несакани реакции и 59 смртни случаи. Тој се користи во лекот за слабеење Вегови, но е и активна супстанција на лековите за дијабетес Оземпик и Рибелсус.

Лираглутидот, кој се продава како Саксенда, е поврзан со 4.491 пријавена несакана реакција и 37 смртни случаи. Се користи и за лекување дијабетес под други заштитени имиња.

Податоците од системот „Јелоу кард“ покажуваат и какви типови нуспојави се пријавени. Кај семаглутидот, 28.884 пријави се однесуваат на дигестивни тегоби, додека повеќе од 5.000 се однесуваат на нарушувања на нервниот систем.

Кај тирзепатидот се забележани 65.024 пријави за дигестивни тегоби и 13.964 пријави за нарушувања на нервниот систем. Повеќе од 2.000 пријави се однесувале на психијатриски нарушувања.

Кај лираглутидот, 1.461 пријава се однесувала на дигестивни тегоби.

Вообичаените нуспојави од инекциите за слабеење вклучуваат гадење, повраќање, дијареја, запек и киселински рефлукс.

Во некои случаи, овие лекови се поврзани и со проблеми со срцето и крвните садови, нарушувања на нервниот систем, очни тегоби и посериозни дигестивни состојби, од кои некои завршиле со смртен исход.

Како и кај сите лекови, безбедноста на ГЛП-1 лековите постојано се следи, вклучувајќи ги и новите сознанија од спонтаните пријави и научните публикации. За сите евентуални промени поврзани со безбедноста на тие лекови, пациентите и здравствените работници ќе бидат навремено известени, а ќе се преземат соодветни мерки за намалување на секој утврден ризик – изјави портпаролот на МХРА, пренесува „Индепендент“.

Врз основа на моментално достапните докази, придобивките од агонистите на ГЛП-1 рецепторот ги надминуваат можните ризици кога се користат во согласност со одобрените индикации – додаде тој.

Поврзани вести

giyim