Skip to main content

Една жртва и над 30 исчезнати при потонување траект кај Вануату

Magnific

Најмалку едно лице загина, 15 се спасени, а повеќе од 30 се водат како исчезнати откако траект потона крај брегот на Вануату, соопштија денеска властите на оваа пацифичка островска држава, посочувајќи дека лошите временски услови, силните ветрови и евентуалната преоптовареност на бродот се најверојатната причина за несреќата.

Траектот „МВ Матуи“ (MV Matui), на кој имало десетици патници и членови на екипажот, пловел во лоши временски услови меѓу островите Амбае и Санто кога дошло до превртувањето, објави новозеландскиот јавен сервис Ен-Зет-АР-Н (RNZ).

Од кабинетот на премиерот Џотам Напат преку Фејсбук соопштија дека потрагата на отворено море се намалува, а акцијата се насочува кон југоисточниот брег, каде што морските струи можеби ги однеле преживеаните.

„Се чини дека за оваа трагедија придонеле силните ветрови и непочитувањето на предупредувањата за пловидба, а можно е и невнимание, вклучително и преоптовареност на бродот“, се наведува во соопштението од кабинетот на премиерот, од каде што најавија и детална истрага за несреќата.

Во соопштението се додава: „Се молиме за сила и за закрепнување на преживеаните. На семејствата на исчезнатите и настраданите им порачуваме дека целата земја е со нив во овие моменти на тага“.

Матаи Серемаја, пратеник од областа Луганвил во парламентот на Вануату, изјави дека спасувачката операција почнала откако еден член на екипажот успеал да доплива до брегот и да алармира за несреќата.

„Нè извести дека бродот се превртил, по што веднаш тргнавме во потрага“, изјави Серемаја, пренесе Ен-Зет-АР-Н.

Полицијата на Вануату, Управата за поморска безбедност и бродската компанија „Туи шипинг ејџенси“ (Tui Shipping Agency), која управува со траектот, засега не коментираа.(МИА)

Поврзани вести