
Претставата „Чудесна терапија“ вечер во 19:30 часот се игра во рамките на програмскиот дел на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ што и оваа година традиционално започна на 8 септември во НУЦК „Антон Панов“, соопштија од Драмски театар Скопје.
„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев. Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар Скопје: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.
Во програмската белешка се вели: „Претставата ‘Чудесна терапија’ го поставува прашањето: Доколку комуникацијата е универзална способност на секој човек, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во една врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“.
Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 56 изведби од кои десетина гостувања на театарските фестивали низ Македонија и во земјите од регионот.
Покрај „Чудесна терапија“, вечер на фестивалската сцена ќе биде одиграна и претставата„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле на режисерот Андреј Цветановски во изведба на НУЦК „Григор Прличев“ од Охрид.
Утре во 19:30 часот на програмата е „Едмонд“ од авторот Дејвид Мамет во режија на Оливер Мицевски на Народен театар, Битола и во продолжение во терминот од 22:00 часот е претставата „Љубовни писма“ од Алберт Рамсдел Гарни, во изведба на актерите Игор Ангелов и Верица Недеска.
В сабота на 12 септември, во двата термини се играат претставите „Анна“, работена по текст на Драгана Лукан Николоски во режија на Нина Николиќ. Станува збор за копродукција помеѓу Театар „Комедија“, Скопје и Перипетија продукција и претставата од Бугарија, „Повик за љубов“ на Драмскиот куклен театар – Силистра, кои во официјалната конкуренција ќе се претстават со постановката „Повик за љубов“ на француската уметница Жозаин Баласко во режија на Анастас Попдимитров.
Фестивалската програма во официјална конкуренција ќе го заокружи ансамблот на НУЦК „Војдан Чернодрински“, Прилеп со претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски. Изведбата ќе биде в недела на 13 септември во 19:30 часот.
Една од најзначајните и најдолговечните фестивалски приказни во македонскиот театар, фестивалот „Ристо Шишков“ завршува со донесувањето на Одлуката на жирито за доделување на единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ што ќе биде соопштена по завршувањето на натпреварувачкиот дел на фестивалот.
МИА

Македонски

