
Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата на скулптури „Жени создадени во пламен“ од академскиот скулптор Димитар Филиповски.
Како што соопштуваат од КИЦ Скопје, пред публиката во изложбениот салон „Империјал 1“ ќе биде претставен циклус скулптури изработени во бронза, во чиј фокус е женскиот акт како централна тематска и ликовна преокупација на авторот.
Според текстот што ја придружува изложбата, Филиповски преку обликувањето на бронзата ги истражува формата, движењето и симболиката на женската фигура, поврзувајќи ги со древните претстави за создавањето, плодноста и човековата потреба за творење.
Во поставката се вклучени и неколку машки фигури, но тие се поставени во втор план со цел да ја нагласат улогата и значењето на женскиот лик како доминантен мотив во циклусот.
Авторот е препознатлив по работата со бронза и процесот на леење скулптури, а најновата изложба го истакнува односот меѓу огнот, металот и творечкиот чин, претставувајќи ја уметноста како спој на занаетчиска умешност и креативна визија.
Изложбата „Жени создадени во пламен“ ќе може да се посети до 21 септември.

Македонски


