
Вкупно 72 локации во 64 општини низ државата се опремени со бесплатен безжичен интернет со брзина од 200 мегабити во секунда, преку проект поддржан од Европската Унија и Германија. Досега се регистрирани над 200.000 корисници и пренесени повеќе од 115 терабајти податоци. Ова беше истакнато денеска на завршниот настан на проектот „ЕУ за Западен Балкан – Wi-Fi во Македонија“, спроведен од ГИЗ во координација со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком.
Евроамбасадорот Михаил Рокас нагласи дека проектот е конкретен пример за соработка во рамките на „Тим Европа“ и потврда за високиот приоритет што Европската Унија го дава на дигиталната поврзаност.
Свесни сме дека руралните и планинските подрачја сè уште немаат соодветна интернет-покриеност, па затоа треба да ги засилиме напорите и интернет пристапот да го направиме достапен и финансиски прифатлив за секој граѓанин. Истовремено, треба подобро да ги промовираме нашите активности и да обезбедиме сите да бидат информирани за нив, вклучително и туристите – рече Рокас.
Оцени дека досега регистрираните 200.000 уникатни корисници се добар почеток, но оти е потребно услугата да ја користат уште поголем број граѓани. Воедно, Рокас му честиташе на Министерството за дигитална трансформација за резултатите во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, посочувајќи дека дигиталната трансформација е една од областите со најдобри оценки.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер, нагласи дека суштината на иницијативата е дигиталната инклузија и обезбедувањето еднаков пристап до информации, образование и јавни услуги, независно од местото на живеење и финансиските можности на граѓаните.
Дигиталната инклузија не се однесува на тоа дали повеќето од нас можат да пристапат на интернет каде било и во кое било време, туку дали тоа можат да го направат сите. Јавниот Wi-Fi е како јавен парк или библиотека – дел од дигиталната инфраструктура што им припаѓа на сите. Тој обезбедува пристапот до информации, образование и јавни услуги да не зависи од големината на нечиј пакет за мобилен интернет или од квалитетот на мобилната мрежна покриеност – истакна Дрекслер.
Амбасадорката на Германија во земјава оцени дека резултатите се потврда за соработката меѓу државата, општините, приватниот сектор и европските партнери, посочувајќи дека местото на живеење не треба да определува дали граѓаните ќе можат да ги користат придобивките од дигиталните технологии.
Како што информираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, пак, првичниот план бил со проектот да бидат опфатени околу 40 општини, но поради големиот интерес на локалните самоуправи, опфатот бил проширен на 64 општини и 72 локации.
Андоновски посочи дека преку мрежата досега се пренесени над 115 терабајти податоци, што, според него, покажува дека воспоставената инфраструктура се користи. Како можни локации за следната фаза ги посочи Свети Наум, Дебарското Езеро, Маврово и Кокино. Нагласи дека проектот е дел од пошироката стратегија за развој на информациско-комуникациската инфраструктура и поврзливоста, предвидена во националната стратегија „Смарт МК 2030“.
Првично, проектот предвидуваше опфат на околу 40 општини, но интересот беше поголем. Општините понудија по три локации и со партнерите успеавме да го прошириме опфатот на 64 општини… Паралелно со развојот на електронските услуги, треба да ги подобруваме и условите граѓаните да ги користат тие услуги. Затоа што кога зборуваме за дигитализација, мора да мислиме и на човекот кој нема пристап до интернет или кому трошокот му е пречка. Нашата задача е да ги намалуваме тие пречки со конкретни решенија како ова – истакна Андоновски.

Македонски



