Skip to main content

Денес проф. д-р Кирил Пенушлиски ќе нè води низ изложбата  „Бежанци“ од Борко Лазески во Музеј на град Скопје

Во Музејот на град Скопје во тек е истражувачката изложба Циклус: „Бежанци“ од Борко Лазески (1917–1993), која претставува значаен, но досега недоволно проучен сегмент од творештвото на еден од значајните претставници на македонската модерна.

Преку дела, скици, цртежи и архивски материјали, изложбата го следи настанувањето и развојот на циклусот и отвора увид во творечкиот процес на авторот.

Циклусот „Бежанци“, создаван е во парискиот период на Лазески и инспириран од егзодусот на македонското население од Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција. Преку мотивите на прогонството, разделбата, загубата и напуштањето на домот, Лазески го преобразува конкретното историско искуство во силен ликовен исказ за човечкото страдање, војната и раселувањето.

Истражувањето и стручно-научната обработка на циклусот ги реализираше проф. д-р Кирил Пенушлиски.

Денес, четврток, во 19 часот, проф. д-р Кирил Пенушлиски ќе нè води низ изложбата и истражувањето зад неа.

Изложбата ќе биде отворена до 17 септември 2026 година.

Изложбата е организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН – Скопје во соработка со ЈУ Музеј на град Скопје и со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести