Skip to main content
Отворена новата спортска сала „Џексон“ во Штип

Ристовски: Од оваа сала ќе излезат многу таленти и идни македонски репрезентативци

Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, како и бројни претставници на извршната и локалната власт, денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата спортска сала „Џексон“ во Штип.

Изградена на местото на старото отворено игралиште, новата спортска сала располага со капацитет од 1.300 гледачи и претставува значајна инвестиција во спортската инфраструктура на градот. Салата ќе биде нов дом за штипските спортски клубови и спортисти, но и простор во кој младите ќе имаат можност да тренираат и да се натпреваруваат во современи услови.

Во изградбата на целиот спортски објект се инвестирани 2,2 милиони евра, од кои 1 милион евра се обезбедени од Владата, а 1,2 милиони евра од Општина Штип.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, упати честитки до градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, за неговата посветеност на развојот на градот, особено за вложувањата во спортот, а воедно ги поздрави и компаниите кои преку спонзорства и општествено одговорно делување го поддржуваат македонскиот спорт.

„Нашата цел е јасна – сите инвеститори кои доаѓаат во Македонија да се насочуваат да инвестираат во спортот и да бидат општествено одговорни. Денеска сме сведоци токму на еден таков настан. Верувам дека од оваа сала ќе излезат многу таленти кои ќе ја претставуваат Македонија на големи натпреварувања и ќе бидат дел од македонските репрезентации“, истакна Ристовски.

Тој посочи дека вложувањето во спортската инфраструктура е еден од клучните предуслови за долгорочен развој на спортот.

Премиерот Христијан Мицкоски ја истакна важноста на реализацијата на ваквите проекти и посветеноста на Владата тие да бидат претворени во конкретни резултати.

„Убеден сум дека оваа сала ќе биде дом на многу деца, на многу идни македонски репрезентативци. Ова е нешто што му требаше на Штип. Проектот  го започнавме на почетокот од мандатот на оваа Влада, а денеска конечно го завршуваме и го ставаме во функција. Од една стара руина создадовме модерен, репрезентативен спортски објект, кој ќе им овозможи на младите штипјани подобри услови за развој на спортот и остварување на нивните соништа. Како Влада продолжуваме да работиме на проекти кои значат конкретна промена и подобар квалитет на живот за граѓаните “ – истакна Мицкоски.

Во рамки на денешниот настан беше официјализирано и потпишувањето на спонзорскиот договор меѓу компанијата Алказар Енерџи  и кошаркарскиот клуб од Штип, со што дополнително се потврдува значењето на партнерството меѓу бизнис-секторот и спортот.

Министерството за спорт, заедно со Владата, продолжува со реализација на проектите за изградба, реконструкција и обновување на спортската инфраструктура низ државата, со цел создавање современи и достапни услови за спорт и развој на нови генерации спортисти.

Новата спортска сала „Џексон“ е уште еден конкретен чекор кон подобра спортска инфраструктура и уште една можност повеќе млади од Штип да го изберат спортот.

Поврзани вести