Skip to main content

Мерц: За влакно избегнавме катастрофа, обидот за напад со дрон во Лајпциг е подготвуван со месеци во Русија

Facebook/Friedrich Merz
Фото: Facebook/Friedrich Merz

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави пред Бундестагот дека неуспешниот напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале бил со месеци подготвуван во Русија и конкретно насочен против Германија.

Според Мерц, само по чиста случајност биле избегнати голема материјална штета и човечки жртви.

Само по чиста случајност избегнавме голема материјална штета и човечки жртви“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, нагласувајќи дека катастрофата била спречена во последен момент.

Русија отфрла каква било вмешаност во инцидентот. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Мерц дека на Москва „всушност ѝ објавува војна“, а германските обвинувања ги опиша како почеток на „вистинска војна“.

Германската влада на 1 септември за првпат директно ја посочи Русија како одговорна за обидот за напад врз аеродромот Лајпциг/Хале, кој се случи на почетокот на август.

На подрачјето на аеродромот на 4 август беше пронајден дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Направата не експлодирала бидејќи детонаторот, според досегашните информации, бил неисправен. Истражителите се сомневаат дека втор дрон удрил во товарен авион, додека околу десет дена подоцна во околината бил пронајден и трет дрон.

Лајпциг/Хале не е само голем цивилен и товарен аеродром. Германската војска и сојузниците од НАТО го користат за транспорт на воена опрема, а таму се наоѓа и базата на украинската компанија „Антонов ерлајнс“, која превезува голем дел од украинскиот товар по воздушен пат.

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека инцидентот одговара на „добро познатиот образец на руските хибридни операции во Европа“ и предупреди дека Берлин очекува нови обиди за вакви акции.

Германската влада поради тоа најави затворање на рускиот конзулат и Рускиот дом на науката и културата, како и засилен притисок врз Москва преку санкции и мерки против руската „флота во сенка“.

Русија ги нарече измислени и провокативни германските обвинувања. Руското Министерство за надворешни работи го повика германскиот вршител на должност амбасадор во Москва на разговор и предупреди дека германските мерки ќе добијат „силен одговор“.

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Берлин дека подметнал докази за нападот за да ѝ го припише на Русија, тврдејќи дека владата на Мерц ја претставува Русија како непријател за да го сврти вниманието од внатрешнополитичките проблеми.

Во меѓувреме, германските медиуми објавија дека истражителите идентификувале двајца осомничени поврзани со случајот – латвиски државјанин роден во Русија и руски државјанин од Белорусија. Според тие извештаи, германските власти веројатно нема да можат да ги приведат.

Поврзани вести