Skip to main content

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор, четири се под контрола

До 13 часот, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) се регистрирани вкупно 16 пожари на отворен простор. Од нив, девет се активни, четири се под контрола, а три се изгаснати.

Од активните пожари, во Општина Струга пожарот на потегот од селото Буринец, преку селата Локов и Селце, до селото Елевци, зафатил нискостеблеста шума. Во Општина Македонски Брод активни се два пожари. Едниот е во селото Белица, на местото викано Кајорец кон селото Брезница, кај репетиторот, каде гори нискостеблеста и мешана шума, додека вториот е шумски пожар во селото Бенче.

Во Општина Кичево активен е пожарот во селото Кнежино, на местото викано Црн Камен, каде гори нискостеблеста шума. Во Општина Тетово, во селото Гајре, пожарот зафатил ниска вегетација и ниска шума. Активен е и пожарот во селото Палатица во Општина Желино, каде гори отпад.

Во Општина Гостивар активни се два пожари. Во селото Печково гори ниска вегетација и нискостеблести растенија, додека во селото Падалиште е зафатена ниска вегетација. Во Општина Долнени активен е пожарот во селото Долгаец, каде гори ниска вегетација.

Под контрола се четири пожари. Во Општина Кичево, во селото Тајмиште, на местото викано Дарда, пожарот е на ниска вегетација. Во Општина Сарај, во селото Копаница, зафатени се нискостеблеста шума и ниска вегетација. Под контрола е и пожарот на градската депонија во Делчево, како и пожарот во Општина Чучер-Сандево, во селото Брест, на местото викано Рамно, каде гори мешана шума.

Изгаснати се три пожари. Во Општина Ново Село изгаснат е пожарот во селото Ситник, каде гореле паднати стебла и трупци. Во Општина Прилеп изгаснат е пожарот кај Новите гробишта, каде била зафатена ниска вегетација, а во Општина Крушево изгаснат е пожарот кај Градските гробишта, исто така на ниска вегетација.

Поврзани вести