
Македонската партија, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и македонските друштва во Албанија, упатија честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, до сите Македонци, во татковината и каде и да живеат низ светот, порачувајќи дека Македонија е нашиот завет.
На 8 септември 1991 година, македонскиот народ со своето убедливо „ЗА“ на референдумот го потврди вековниот стремеж за слободна, независна и суверена македонска држава. Тоа беше остварување на сон за кој генерации Македонци се бореле, страдале и ги положиле своите животи. Во тој историски пат се и Македонците од Албанија, стои во честитката на МАЕИ.
Се додава дека од Илинденското востание, преку Народноослободителната борба, па сè до референдумот за независност во 1991 година, Македонците од Албанија биле и остануваат нераскинлив дел од македонскиот народ и од борбата за македонска слобода и државност.
На 8 Септември 1991 година, и Македонците од Албанија, преку петиција испратена до македонскиот државен врв, го поддржаа референдумот и создавањето на независна македонска држава. Денеска, 35 години подоцна, Република Македонија и Македонците надвор од нејзините граници се соочуваат со нови предизвици. Македонците во Албанија денес се соочуваат со сериозни обиди за асимилација и негирање на нивниот македонски идентитет од страна на Бугарија. Затоа, повеќе од кога било, потребна е силна, принципиелна и долгорочна државна стратегија за заштита и поддршка на Македонците надвор од границите на Република Македонија, се наведува во честитката.
Македонско друштво „Илинден“-Тирана честитајќи го овој голем и значаен историски ден, додава дека во создавањето, зачувувањето и афирмирањето на македонската национална свест и стремежот кон слободна и независна Македонија, свој придонес дале и Македонците од Албанија.
Со негувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и националниот идентитет, Македонците од Албанија со гордост се дел од македонската историја и одбележувањето на овој голем празник. Нека е вечен споменот на сите оние кои придонесоа за слободна и независна Македонија. Да го чуваме, почитуваме и славиме овој голем ден со гордост, достоинство и љубов. Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, стои во честитката на друштвото.
Денот на независноста го честитаа и друштвото „Преспа“ и здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ порачувајќи „Да го чуваме она што ни го оставија нашите предци и да им го пренесеме на генерациите што доаѓаат. Вечна да е слободна, независна и достоинствена Македонија“.

Македонски



