Skip to main content

„Уметноста ја крши тишината“- вечерва мултимедијален настан на платото пред Музеј на Македонија во пресрет на Денот на независноста

Во предвечерието на Денот на независноста со почеток од 21 часот на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија ќе се одржи мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“, посветен на 35 години независност на Македонија.

Наместо класична прослава, настанот носи поинаков концепт – поглед кон иднината преку современа уметност, музика, поезија, перформанс, визуелна уметност, видео-мепинг и клубска култура.

Вечерта ќе ја отвори Игор Џамбазов, а во официјалната програма ќе настапат Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска- Мишел Трајковски -Скопје Виа ,Лаура Карлиу.

Посебно место во програмата имаат Јана Стојановска, Мишел Трајковски – Скопје Виа и Лаура Карлиу, кои преку својот уметнички израз ја отвораат темата на различноста, припадноста и поврзувањето на заедниците.

Нивното учество ја проширува приказната на настанот и кон ромската култура и нејзиното место во современата македонска уметничка сцена, испраќајќи порака дека Скопје е град во кој различните култури не треба само да коегзистираат, туку и да создаваат заедно.

Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба курирана од Антони Мазневски, на која ќе учествуваат уметниците Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоровски, Ангел Миов и Синиша Новески.

По официјалната програма, платото ќе се претвори во простор за современа клубска култура. Програмата ќе ја отвори Nino Fluder, заедно со Александра на саксофон, по што следуваат Ampov и Dimchuga од колективот Buru.

Вечерта ќе ја затвори специјалната гостинка од Грција – Myrophora, DJ и радио водителка од Солун и дел од грчкиот NON collective.

Поврзани вести