
– Германија до 2029 година би можела да се соочи со недостиг од околу 723.000 квалификувани работници, што е речиси двојно повеќе во споредба со регистрираниот недостиг од околу 370.000 работници во 2025 година – покажува најновата студија на Институтот за германска економија (ИВ / IW), кој е поврзан со работодавачите.
Според проекциите на ИВ, најголем дефицит во 2029 година се очекува меѓу работниците во продажбата, каде што би можеле да останат непополнети околу 39.100 работни места. Сериозно погодени ќе бидат и секторите за грижа за деца и образованието со предвиден недостиг од 29.900 работници, како и социјалната работа и социјалната педагогија со недостиг од околу 23.600 лица. Во секторот здравство и нега би можело да недостасуваат 18.700 работници, додека во електроизградбата дефицитот се проценува на 17.400 квалификувани кадри.
Авторот на студијата, Александер Бурштеде, очекуваниот драстичен пораст на недостигот делумно го припишува на големиот бран работници кои во следните години заминуваат во пензија. Во исто време, на пазарот на трудот влегуваат премалку млади кадри, а Германија се соочува и со се поголеми тешкотии при привлекувањето работници од странство.
– Економското закрепнување би можело дополнително да ја зголеми побарувачката за квалификувани работници – истакнува Бурштеде.
Анализата на Институтот ИВ ги проектира движењата на пазарот на трудот до 2029 година врз основа на податоците достапни до крајот на 2024 година, укажувајќи на загрижувачкиот развој на состојбите доколку продолжат сегашните трендови.

Македонски



