Skip to main content

„Резонантна Земја: Ритуален колектив — Скопје II“ во Сули Ан

Јордан Костов го поставува новото поглавје на ансамблот „Резонантна Земја: Ритуален колектив (Resonant Earth: Collective Ritual) — Скопје II“, по претходните и претстојните поглавја на проектот во  Париз , Берлин , Лондон, Токио, Шангај, Ханој, Пном Пен и Дарамшала.

За релативно краток период, „Резонантна Земја“ нанижа концерти низ Евроазија, развивајќи се во еден од најдинамичните македонски музички проекти со меѓународно присуство. Во 2027 година следуваат концерти во Бразил ,Европа, Индија, Африка и Азија 

На концертот во Сули Ан ќе учествуваат дваесетина музичари од локалната музичка сцена, заедно со Јасер Бајат, музичар на сетар и кеманче од Лорестан – Алигударз, Иран, и Карло Масколо, музичар на тромбон кој ни доаѓа од Бари – Италија

Оркестрацијата и музиката на овој необичен ансамбл се ослободени од конвенционалните жанровски и формални рамки. Композицијата се развива преку хибридна партитура, диригентски знаци, резонанца, тишина, динамика и контролирана слобода, продолжувајќи ја методологијата развивана и на претходните концерти во Скопје ,Париз и Берлин, чии снимки ги објавува париската дискографска куќа LFDS Records. Во Сули Ан музичарите ќе создадат кружна звучна форма во која акустиката и природната резонанца на просторот стануваат дел од самата композиција. Концертот ќе биде надополнет со театар на сенки и апстрактни визуелни интервенции, кои ќе се развиваат паралелно со музиката.

Во рамките на вечерта ќе биде поставена и изложба на уметниците кои ги создадоа авторските арт-решенија за плакатите на „Резонантна Земја“, со што визуелниот идентитет што го следи проектот низ неговите различни градови и поглавја ќе стане дел и од самиот простор на Сули Ан.

„Резонантна Земја: Ритуален колектив — Скопје II“ е замислен како повеќеслојно уметничко доживување во кое се среќаваат музиката, просторот, визуелната уметност и театарот на сенки, по повод 35-годишнината од самостојноста на Македонија.

Поврзани вести