Skip to main content

На PLANET BITOLA пристигнуваат посетители од 18 земји: Кенијци за првпат на „Трчај бе“

Во Битола со вселената отсекогаш сме имале посебен однос.

Венера за генерации битолчани прво беше слаткарница, па дури потоа планета. Плутон можеби веќе не е планета според НАСА, ама тоа е проблем на астрономите, не и за Битола. За атмосферата на Марс сè уште се расправа, додека за битолската атмосфера одамна знаеме дека најдобро се проверува со кафе на Широк Сокак или кон петок-сабота ако излезеш навечер.

И колку планети и да открие човештвото, за битолчани една работа тешко дека ќе се промени: Битола си е најубавата планета.

Токму од тој малку битолски, малку вселенски поглед на светот годинава се роди PLANET BITOLA, концептот на осмото издание на ТРЧАЈ БЕ, кое ќе се одржи на 13 септември.

А она што почна како креативна игра, деновиве добива прилично буквална димензија. На PLANET BITOLA пристигнуваат тркачи од 18 земји, најголемо меѓународно присуство досега на ТРЧАЈ БЕ.

Меѓу нив се Кенија, Индија, Австралија, САД и Велика Британија, бројни европски земји и земји од соседството. Меѓу пријавените има и Палестинец и жител на Гибралтар, уште две интересни точки на сè пошироката мапа на луѓе што во септември ги носи патот кон Битола.

КЕНИЈА ЗА ПРВПАТ НА ТРЧАЈ БЕ

Посебна вест за годинашното издание е доаѓањето на кенијски атлетичари, за првпат во историјата на ТРЧАЈ БЕ.

Кенија е светска велесила во трчањето, земја чии атлетичари со децении ги поместуваат границите на долгите патеки и се дел од најголемите трки во светот. Тие трчаат на многу места. Во Битола, сепак, доаѓаат за првпат.

Покрај нив, на стартот се очекуваат и други врвни атлетичари, што на годинашната трка ѝ дава дополнителна спортска тежина и најавува сериозна конкуренција на патеките.

А Битола има една задача: на 13 септември да излезе на улиците и да ги пречека.

Тие можеби знаат како се памети добра трка. Ние имаме намера долго да ја паметат Битола.

КАКО БИТОЛА СТАНА ПЛАНЕТА

Зад PLANET BITOLA стои целосно разработен визуелен и комуникациски концепт, создаден специјално за годинашното издание на ТРЧАЈ БЕ.

Автор на визуелниот идентитет е Мартин Цветановски од Monday, кој Битола ја пресели во ретрофутуристички, малку дистописки свет во кој Саат-кулата, Широк Сокак и препознатливите градски координати добиваат сосема нов контекст.

Од Форест Гамп, преку битолцизмите, Битолси и музичките бендови, до PLANET BITOLA…ТРЧАЈ БЕ осум години не следи концепти, туку ги создава. Многумина се обидуваат да го копираат тој пристап, но тешко се копира нешто зад кое стои тим што секоја година одново размислува, создава и ризикува креативно.

“Се превзеле идеи, формат, па и цел концепт. Но тешко се копира осумгодишна креативна еволуција и тим од луѓе што секоја година почнува од празен лист.” – изјавуваат од креативниот тим на трката.

Наместо уште една класична кампања со фотографии од трчање, PLANET BITOLA создаде сопствен универзум. Пријавените станаа visitors, трката доби свои координати, медалите изгледаат како артефакти од друга планета, а добро познатите битолски локации влегоа во една поинаква визуелна реалност.

Деновиве приказната доби и свое фотографско продолжение.

Во специјалната фотосесија на артист пр и фотограф Иван-Коцка Јанчев, битолчанец кој години живееше во Кина, актерите Викторија Степановска и Виктор Дамчевски станаа првите „посетители“ на PLANET BITOLA. Низ внимателно избрани битолски локации, градот е претставен во необичен, речиси филмски дистописки тоналитет, некаде меѓу Битола што ја познаваме и Битола од некоја паралелна реалност.

И можеби токму тука е поентата на целата годинашна кампања.

PLANET BITOLA беше измислена за да го раскажеме градот различно. А потоа почна да пристигнува светот.

НА СТАРТОТ НЕМА ЕДЕН ТИП ТРКАЧ

Можеби најубавата слика на ТРЧАЈ БЕ годинава нема да биде само онаа на најбрзите.

На стартот ќе застанат професионални атлетичари и рекреативци, корпоративни тимови, компании, здруженија, пријатели, колеги и луѓе кои можеби за првпат решиле да си постават цел од 5, 10 или 21 километар.

Различни години, различни професии, различни причини за трчање и различни брзини. На 13 септември сите ќе ја делат истата стартна линија.

И токму тоа е ТРЧАЈ БЕ.

Не само натпревар за време и пласман, туку еден голем ден на движење, средби и радост за Битола, кога градот не е само домаќин на трката, туку станува дел од неа.

А за оние што сè уште размислуваат дали да бидат дел од PLANET BITOLA, времето веќе се мери во часови.

Пријавувањето се затвора на полноќ во петок.

Тоа е последната можност за пријава на 5К, 10К или 21К. Потоа листата на патници се затвора.

На 13 септември Битола повторно ќе стане град во движење.

Само што годинава координатите се малку поинакви.

41.0297° N • 21.3292° E

WELCOME TO PLANET BITOLA.

Поврзани вести