
Во штипските основни училишта денеска свечено беа примени првачињата. Градоначалникот на Oпштина Штип, Иван Јорданов присуствуваше на свечениот прием во Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“.
Тој на првачињата им посака многу успеси и убави спомени од првите училишни денови.

-Со голема емоција сите ние ќе го паметиме првиот училишен ден на нашите деца. Оваа емоција ќе ја паметиме цел живот. Денес се поставува еден камел во темелот на нашиот град, затоа што овие генерации и секоја нова генерација ја градат иднината на нашиот град. Посакувам во новата учебна година, во новото поглавје на нашите најмили да се отворат нови предизвици, нови можности, со коишто ќе се стекнат со знаења, вештина, ќе стекнат нови пријателства, ќе стекнат знаења како да споделат, како да бидат најдобри и како да веруваат во себе. Првачиња, ова е вашиот втор дом, а вашите наставници се вашите втори родители-порача Јорданов.
Директорот на ООУ „Ванчо Прке“, Кокан Радев, им посака на првачињата среќен почеток на нивното училишно патување, исполнето со знаење, дружење и многу насмевки.
-Ви посакувам да бидете љубопитни, храбри и насмеани. Училиштето да ви остане место каде што радоста ќе доаѓа секој ден. Нека ви е среќен првиот училишен ден – рече Радев.
Вкупниот број на запишани првачиња во штипските училишта е 336, но се очекува оваа бројка да се зголеми и со почетокот на новата учебната година.
Од утре 1 септември почнува новата 2026-2027 година, а во основните и средните училишта во Штип ќе ја започнат вкупно 5.569 ученици.

Македонски


