
За оние на кои август им поминал пребрзо, има добра вест – летото не мора да заврши со првите септемвриски дождови. Октомври во делови од Медитеранот и понатаму може да донесе сонце, пријатни температури и, што е најважно, море доволно топло за капење. А покрај тоа, плажите се многу помирни, гужвите се значително помали, а цените на дел од аранжманите знаат да бидат поповолни отколку во шпицот на сезоната.
Но, не сите октомвриски дестинации се исти. Ако целта е навистина плажа и капење, изборот треба да се направи малку повнимателно.
Кипар – еден од најсигурните избори
Кипар е меѓу најдобрите европски опции за октомвриско летување. Во октомври дневните температури во Ларнака можат да бидат околу 28 степени, а морето околу 25 степени. Аја Напа, Протарас и Ларнака се особено интересни за оние кои сакаат да поминат денови на плажа, а не само да шетаат и разгледуваат.
Најдобар период е првата половина од октомври, иако Кипар може да биде пријатен и подоцна во месецот.
Анталија – уште едно вистинско лето
Турската ривиера е класика за продолжување на летото. Во Анталија во октомври температурите вообичаено се движат околу 25 – 27 степени, а морето е околу 25 степени. Тоа значи дека денот може без проблем да се помине на плажа, а навечер да биде доволно пријатно за прошетка.
За семејства, голема предност се и бројните хотели со all inclusive понуда, базени и содржини за деца.
Египет – ако сакате да бидете сигурни дека ќе се капете
Ако сакате октомври да личи на вистинско лето, Египет е меѓу најсигурните избори. Во Хургада дневните температури во октомври се околу 31-32 степени, а морето е приближно 27 степени. Во Шарм ел Шеик условите се слични, со многу топло море и многу малку врнежливи денови.
Тука веќе не зборуваме за „можеби ќе се погоди времето“ – октомври е еден од најпријатните периоди за одмор покрај Црвеното Море.
Родос и Крит – грчко лето, но со малку повеќе ризик
Ако не сакате да се откажете од Грција, Родос и Крит се меѓу најдобрите избори.
На Родос морето во октомври е околу 24 степени, додека во Крит температурите на морето се околу 23 степени. Почетокот на месецот е значително посигурен за плажа од неговиот крај.
Со други зборови – може да се капете, но октомврискиот одмор во Грција сепак носи поголем ризик од дожд или ветер отколку Кипар, Турција или Египет.
Канарски Острови – кога сакате сигурност и во втората половина од октомври
Тенерифе и Гран Канарија се одлична опција ако патувањето е подоцна во октомври. Температурите се околу 26 степени, а морето околу 23-24 степени. Канарските Острови имаат една голема предност – времето е постабилно од она во поголем дел од Медитеранот.
Не е најтоплото море на листата, но е одличен избор за комбинација од плажа, сонце, прошетки и семејна забава.
Малта – за плажа плус разгледување
Малта во октомври има просечни температури околу 24 степени, а морето околу 23 – 24 степени. Не е изборот број еден ако сакате цел ден да лежите на плажа, но е одлична дестинација ако сакате малку капење, малку сонце и многу разгледување.
А што со Мајорка, Сицилија и јужна Италија?
И тие можат да бидат одлични во октомври, особено во првите недели. Мајорка во октомври има дневни температури околу 24 степени, додека Сицилија може да биде околу 25 степени. Но морето е нешто посвежо и времето е помалку предвидливо отколку во Кипар, Турција или Египет.
Една работа сепак треба да се има предвид: 1 октомври и 25 октомври не се исто. Разликата во времето во текот на месецот може да биде значителна, па ако целта е вистински плажен одмор, почетокот и првата половина од октомври се многу посигурен избор за Медитеранот.
Летото, значи, не мора да заврши со календарот. Само треба да знаете каде да го побарате.

Македонски


