
На албанските патишта во периодот од јануари до јули годинава регистрирани се вкупно 844 сообраќајни несреќи, наспроти 767 во истиот период минатата година, што претставува зголемување од 10 отсто. Бројот на загинати и повредени лица се зголемил на 1.187, во споредба со 1.077 минатата година, објави државниот Институт за статистика (ИНСТАТ).
Само во текот на јули, во земјата се регистрирани 165 сообраќајни несреќи, во кои животот го загубиле или се повредени 235 лица.
По региони, во јули најголем број несреќи е регистриран во Тирана, со 59 случаи, по што следат Фиер и Лежа со по 20 случаи, како и Драч и Ѓирокастро со по 15 случаи.
– Податоците покажуваат дека човечкиот фактор продолжува да биде главна причина за несреќите. Во јули, 90,3 проценти од несреќите се случиле како резултат на однесувањето на возачите. Возрасната група од 25 до 34 години ја сочинува групата на возачи со најголем број несреќи, со 21,8 отсто од вкупниот број, наведува ИНСТАТ.
Во однос на работните денови, најголем број несреќи е регистриран во четврток, 18,8 проценти, додека најмал е во вторник, со 12,1 отсто.
Во временскиот период од 19 до 24 часот има најголем број несреќи – 25,5 проценти од вкупниот број

Македонски


