
Празникот посветен на Успението на Пресвета Богородица има посебно место во македонската традиција, а со него се поврзани бројни обичаи, верувања и правила
Православните верници денес ја одбележуваат Голема Богородица, еден од големите празници посветени на Пресвета Богородица. Во црковната традиција празникот се нарекува Успение на Пресвета Богородица и го означува нејзиното преминување од земниот во небесниот живот. Со празникот завршува и двонеделниот Богородичен пост.
Во македонската народна традиција Голема Богородица има особено значење и се поврзува со заштитата на семејството, мајките и жените. Со векови се пренесуваат различни обичаи поврзани со овој ден, а меѓу најпознатите е верувањето дека одредени билки собрани во овој период имаат посебна моќ.
Особено место има босилекот, кој во народната култура не се смета само за мирисна и лековита билка, туку има и силна обредна и заштитна симболика. Покрај него, традиционално се собираат и ајдучка трева, кантарион и див босилек, кои потоа се сушат и се чуваат во домовите. Во периодот меѓу Голема и Мала Богородица, познат како „меѓудневница“, постои верување дека природата особено изобилува со лековити растенија.
Со празникот се поврзани и одредени обичаи. Според народните верувања, жените на овој ден избегнувале тешки домашни работи, а особено работи поврзани со шиење и игли. Во некои краишта, верниците посетуваат извори за кои се верува дека имаат лековита вода, каде што се мијат или се молат за здравје. Празникот во многу семејства се одбележува и како слава, со свечена трпеза.
Во црковното предание, Успението на Богородица е поврзано со нејзиното мирно упокојување по најавата од архангелот Гаврил дека наскоро ќе го напушти земниот живот. Апостолите, според преданието, се собрале околу неа, а по нејзиното погребение, кога гробот бил отворен, била пронајдена само плаштаницата. Оттука потекнува верата во нејзиното вознесение со тело и душа и надежта дека таа останува духовна заштитничка и застапничка на верниците.

Македонски


