Skip to main content

„Уна“ на Звездара театар со дополнителна изведба на 7 септември во МНТ

Поради исклучителниот интерес од публиката, наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград ќе има дополнителна изведба на 7 септември во Македонскиот народен театар. Претставата ќе биде изведена и на 9 септември, како што е првично предвидено. Билетите за двете изведби се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ.

„Уна“ доаѓа во Скопје како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на Дејан Пројковски, еден од најзначајните македонски режисери, и со Никола Ристановски во главната улога.

Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, претставата отвора интимен и длабоко емотивен простор во кој се преплетуваат љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите кои го определуваат човековиот живот. „Уна“ поставува прашања за слободата, личната одговорност и границите на човечките чувства, истовремено градејќи силен сценски свет исполнет со напнатос и исклучителна актерска игра.

Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, чие маестрално актерско остварување во „Уна“ наиде на исклучителен прием кај публиката и критиката и беше потврдено со значајни фестивалски признанија. Покрај него, во претставата играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Со својата препознатлива режисерска естетика, Дејан Пројковски ја обликува „Уна“ како интимна и визуелно впечатлива театарска приказна, во која личното станува универзално, а односот меѓу човекот, слободата и љубовта добива нови значења.

Вредноста на претставата е потврдена и со низа значајни фестивалски признанија. Никола Ристановски е добитник на наградите „Зоранов брк“ и за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и наградите за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.

Претставата ја освои наградата од публиката на „Денови на Зоран Радмиловиќ“, а на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац ги освои наградите за најдобра претстава и наградата од публиката.

На 7 и 9 септември, сцената на Македонскиот народен театар ќе биде местото на средбата со „Уна“ – претстава во која се среќаваат моќната актерска интерпретација на Никола Ристановски и авторскиот режисерски ракопис на Дејан Пројковски.

Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата на Македонскиот народен театар.

Поврзани вести