
Договор за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија потпишаа денеска Недим Рама, директор на АД „Номагас“, и директорот на „Рапид билд“, Тони Каранфиловски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
По потпишување на договорот премиерот Мицкоски изјави:
Сите технички параметри за проектот веќе се кажани, и инвестициска вредност и дијаметар на цевка и како ќе проаѓа таа цевка, низ кои делови од Македонија ќе проаѓа таа цевка, јас би сакал три работи да кажам кои што се мислам значајни за овој проект од стратешко значење.
Првото е што по завршувањето на овој проект и комплетирањето на интерконекторот, односно цевководот што ќе не поврзе со нашиот јужен сосед, со Грција, очекувам дека би требало тој проект да се заврши некаде првата половина на следната година, иако втората половина, еве крајот на 2028-та се заврши овој интерконектор со нашиот северен сосед, ќе добиеме целосно вертикална поврзаност којашто е дел од коридорот 10 и геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна откако овие проекти ќе бидат реализирани, споредно со тоа што беше во минатото. Да бидам попрецизен, споредено со тоа што сме денес.
Ние сме држава којашто не излегува на море и со вакви проекти, кога се поврзуваме со пристаништа, во случајов како што е терминалот Александрополи, кога се поврзувавме со солунското пристаниште, со продуктоводот и нашата рафинерија „ОКТА“, кога градиме интерконектори во делот на снабдувањето со електрична енергија и поврзување со нашите соседи, ние на тој начин ја подобруваме и нашата геостратешка положба како држава.
Така што, овие проекти имаат огромно регионално, па и би рекол пошироко геостратешко значење, и јас низ таа оптика го гледам и овој проект, оваа цевка којашто треба да ја поврзе Македонија со Србија.
Исто како што цевката треба да ја поврзе Македонија со Грција. Посебно што е двонасочен овој цевковод, и сето тоа му додава вредност на самиот проект.
Второ што за мене е многу значајно, а го кажав и вчера на еден друг стратешки проект, а тоа е автопатот Блаце-Скопје, е што македонска компанија ќе ги изведува работите, и тоа е многу важно за македонската економија. Така беше и вчера, така е и денес и тоа е наш приоритет како Влада, македонски компании да изведуваат вакви стратешки проекти, се разбира во рамките на капацитетот којшто ние го имаме како држава и како градежна оператива.
Сигурен сум дека со искуството кое што го има компанијата изведувач ќе го искористи максимално во реализацијата на овој проект и ќе ги почитува роковите кои што се зададени во самиот договор.
И трето кое што мислам дека е исто така значајно да се каже е фактот дека ова е уште една инвестиција кон реализирање на нашата стратешка цел како Влада, а тоа е да бидеме раскрсница на два паневропски коридори, коридорот 8 и 10, која што раскрсница ќе се темели на три столба, а тоа е инфраструктурно поврзување во рамките на патната инфраструктура. односно автопатите и експресните патишта.
Сакам да им се заблагодарам на Недим и на сите членови во раководството на НОМАГАС, на вработените кои што би рекол еве работеа макотрпно за овој проект да стане реалност. Ќе биде исто добро и онаа отсечка за која што зборувавме до другиот наш северен сосед до Косово, ако можеме да ја направиме. Јас вчера зборував и со премиерот на Косово дека и покрај тоа што они имаат доволно количини на јаглен, но имајќи предвид новите регулативи во рамките на Европската Унија итн., оваа физибилити студија можеби ќе ни даде одговор за потребите, па можеби во иднина, иако они сега велат дека не им треба ваква врска, мислам дека треба да се оствари можност за во иднина и тоа да се сработи, изјави Мицкоски, заблагорадувајќи им на колегите од Владата.

Македонски


