Skip to main content

Интерконекторот со Србија ќе ја зајакне геостратешката позиција на Македонија, македонска компанија ќе ги изведува работите

Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија ќе овозможи целосна вертикална поврзаност долж Коридорот 10 и значително ќе ја зајакне геостратешката позиција на земјата, оцени Владата.

Од Владата посочуваат дека по завршувањето на интерконекторот со Грција, што се очекува во првата половина на следната година, и интерконекторот со Србија, чија реализација се очекува до крајот на 2028 година, Македонија ќе биде поврзана со енергетските системи на север и југ.

„По завршувањето на овој проект и комплетирањето на интерконекторот со Грција, а потоа и со нашиот северен сосед, Србија, ќе добиеме целосно вертикална поврзаност која е дел од Коридорот 10 и геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Како што посочи, Македонија како држава без излез на море, преку поврзувањето со пристаништата и енергетските системи на соседните земји ја подобрува својата геостратешка положба. Во тој контекст се издвојува поврзувањето со терминалот во Александруполи, солунското пристаниште преку продуктоводот и рафинеријата „ОКТА“, како и електроенергетските интерконектори со соседите.

Особено значење, според Владата, има фактот што гасоводот со Србија ќе биде двонасочен, што дополнително ја зголемува неговата стратешка и регионална вредност.

Македонска компанија ќе го гради интерконекторот

Владата како втор значаен аспект го издвојува ангажирањето македонска компанија за изведба на работите.

„Македонска компанија ќе ги изведува работите, и тоа е многу важно за македонската економија. Тоа е наш приоритет како Влада – македонски компании да изведуваат вакви стратешки проекти, се разбира во рамките на капацитетот којшто ние го имаме како држава и како градежна оператива“, порача премиерот Мицкоски.

Од таму очекуваат компанијата изведувач да го искористи своето искуство и да ги испочитува роковите предвидени со договорот.

Целта е Македонија да биде раскрсница на Коридорите 8 и 10

Како трет приоритет се посочува стратешката цел Македонија да стане раскрсница на двата паневропски коридори – Коридор 8 и Коридор 10.

Според Владата, оваа цел треба да се темели на три столба – патната инфраструктура, односно автопатите и експресните патишта, енергетското поврзување и останатите инфраструктурни проекти кои ја поврзуваат земјата со регионот.

Во тој контекст се разгледува и можноста за изградба на гасоводна врска со Косово. За оваа траса се подготвува физибилити студија, а Владата смета дека и покрај актуелниот став на Косово дека нема потреба од ваква врска, условите во иднина може да се променат поради новите регулативи на Европската Унија.

Од Владата упатија благодарност до раководството и вработените во НОМАГАС, како и до сите институции кои биле вклучени во реализацијата на проектот, со порака дека продолжува спроведувањето на владината програма и приоритетите во нејзини рамки.

Поврзани вести