Skip to main content

Николоски: Градиме нов автопат за подобро поврзување со Косово и Црна Гора, ја градиме Македонија

Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Изградбата на автопатот Скопје–Блаце треба да биде важен чекор во подобрувањето на транспортната поврзаност на Македонија со соседните земји и поширокиот регион, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод поставувањето на камен-темелникот.

Според Николоски, реализацијата на проектот ќе отвори нови можности за економски развој и ќе овозможи подобар пристап до важни регионални пристаништа, меѓу кои Драч и Бар.

Навистина е убаво кога се почнуваат нови проекти и кога се гледа нешто што во следните неколку години ќе донесе дополнителен развој, едно силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар – и уште повеќе зацврстување на Македонија како една раскрсница на Балканот“, истакна Николоски.

Тој потсети дека определбата на Владата е Македонија да ја искористи својата географска положба и да се наметне како значајна транспортна врска во регионот.

Кога оваа Влада беше формирана во 2024 година, јасната политика и визија на премиерот Мицкоски беше дека Македонија треба да стане раскрсница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 – се пресекуваат, а на нив се надоврзуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6“, рече вицепремиерот.

Николоски оцени дека автопатот Скопје–Блаце ќе придонесе за посилно регионално поврзување и ќе создаде дополнителни можности за транспортот и економијата, особено преку подобрување на врските со Косово, Црна Гора и пристаништата на Јадранското Море.

Поврзани вести