Skip to main content

Николоски: Изградбата на автопатот Прилеп – Битола e со одлична динамика, првите километри следната година

Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со одлична динамика и првите километри се очекува да бидат пуштени следната година, информира денеска потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Во текот на летово имаме добри бројки и добра динамика. Вчера имавме работен состанок и очекувам веќе следната година да има доста добри вести – изјави Николоски, кој со премиерот Христијан Мицкоски е во посета на општина Прилеп.

Николоски посочи дека крајниот рок за изградба на автопатот останува ист, крајот на 2029 година, но оти првите километри целосно завршен автопат – во две насоки три плус три ленти со изградени помошни патишта ги очекува веќе следната година.

Автопатот Прилеп-Битола во должина од 40 километри е дел од пакетот автопатски делници на коридорите 8 и 10д што ги гради конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“.

Вицепремиерот Николоски ја потенцираше поддршката за општина Прилеп од страна на Владата, наведувајќи дека преку програми од Министерството за транспорт се инвестираат 9,5 милиони евра.

Преку првиот повик се одвоени три милиони евра, во вториот 4,5 милиони, имаме и програма со Светска банка од 350 000 евра. Не ги забораваме и оние на кои им е најпотребна поддршката – социјално загрозените, 1,5 милиони евра се инвестираат за изградба на зграда со социјални станови преку АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, која до крај на годината треба да биде завршена и до пролет и становите да бидат поделени. Ќе работиме со градоначалникот и на нови проекти – изјави Николоски.

Поврзани вести