Skip to main content

Следната недела треба да бидат завршени сите процедури околу кредитната линија наменета за компаниите

На владината седница што треба да се одржи следната недела се очекува да бидат завршени сите процедури околу кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите.

Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција во Владата рече дека согласно најавите на Владата оваа кредитна линија треба да стане оперативна до крајот на јануари.

Како Влада најавивме дека до крајот на јануари се очекува кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите да стане оперативна. Тоа е веќе следната недела и очекувам на таа владина седница сите овие процедури да бидат завршени со што компаниите ќе можат да ги користат овие финансиски средства – рече Митева во одговор на новинарско прашање.

Кредитната линија за компаниите е дел од унгарскиот заем од половина милијарда евра за што Владата на 8 октомври во Будимпешта го потпиша договорот со унгарската Експорт-импорт банка. Половина од средствата се наменети за компаниите, а половина за општините.

Во однос на тоа кога Владата ќе ги објави имињата на владините советници и колкави се нивните примања, Митева одговори дека тоа ќе се случи откако ќе се заврши целосно процесот на екипирање.

Поврзани вести